Одговори на прашањата од блогерот Киберкотле


Блогерот Киберкотле пред некој ден нè поздрави и ни постави неколку прашања. Неговиот текст може да се прочита на следниот линк. Уште еднаш му се заблагодаруваме, и во продолжение ги даваме нашите одговори.

„Тоа ме доведува до првото прашање а тоа е на кој начин планирате да ја креирате програмата на партијата. Дали откако ќе се формира партијата ќе се прави текст, или претходно ќе има нацрт за да знаат луѓето за што ќе се потпишуваат.“

На Партиската програма веќе се работи. Таа ќе биде објавена со чинот на формирање на партијата, односно тогаш кога ќе ги помине законските регулативи и одобренија од институцииите на државата. Сега за сега, граѓан(к)ите можат да се информираат за што се потпишуваат од нашата Политичка платформа, која ги изразува идејните смерници на партијата.

„Второто прашање е поврзано со вашата оперативна стратегија, односно долгорочните, среднорочните и краткорочните цели. Краткорочно, за повеќе потенцијални гласачи ќе биде важно да знаат како ќе се брои нивниот глас на првите избори што следат – на пример како самостоен глас или во лабава пред/пост-изборна коалиција против постоечката власт.“

Ова прашање алудира на нашата изборна програма и кампања. Овие работи сè уште не се ни почнати. Сега сме фокусирани на регистрирање на партијата и на пишување на Партиската програма и на Статутот. Но, сакаме да истакнеме дека според нас, нужен предуслов за подобар живот во Македонија е да се сруши моменталниот режим. Оттука, нашата прва цел е да придонесеме за борбата против груевизмот.

„За крај, сметам дека е важно да кажете не само идеолошки, туку и организациски како ќе се разликувате од постоечките партии, односно што е тоа што како ново ќе го донесете на партиско-политичката сцена.Тука мислам на Статут, кој како нацрт исто така треба да биде ставен на увид за потенцијалните членови. Овој статут треба да даде слика за тоа како внатрешно ќе функционира партијата и што е тоа што како ново ќе го етаблира. Какво ќе биде нивото на внатрепартиска демократија, како ќе се носат одлуки, како ќе се бираат раководители, која ќе биде формата на раководење и како таа ќе се разликува од постоечките партии. Во овој дел сметам дека е важно да се каже и како ќе се комуницира со јавноста за внатрепартиските работи. Тука мислам на транспарентноста. Знаете дека политичките партии насекаде, но особено во Македонија се прилично нетранспарентни особено во однос на финансирањето. Мислам дека е клучно, уште во фаза на иницијатива, да покажете дека мислите на овие работи.“

На Статутот исто така моментално се работи, како дел од постапката за регистрација на партијата. Исто како и Програмата, и Статутот ќе биде објавен откако ќе ги помине законските процедури. Нашата организациска поставеност секако ќе биде во согласност со нашите идеолошки постулати, односно ќе се стимулира приципот на партиципативна демократија и децентрализам. Оттука, партијата сигурно нема да биде човек партија. Претседателството на партијата ќе биде колективен орган од 10-ина лица, чии членови лесно ќе можат да се сменат на иницијатива на базата.

Транспарентноста исто така е важно прашање, на кое ќе обрнеме внимание. Сега за сега, можеме да зборуваме за нашата финансиска транспарентност. Иницијативата располага со многу ограничени финансиски средства, кои се собрани од лични донации од членовите на истата.

За крај, на јавно декларираните левичари, за каков што те сметаме и тебе, би им упатиле повик во духот на 11-тата теза на Маркс, односно ги повикуваме заедно да се здружиме и да го обмислиме новиот свет кој треба да се изгради на темелите на затекнатиов ни никаков!

11220926_1078139238892975_1957489633324792543_n