Какви синдикати ни се потребни?


Најубавите денови се:

Деновите кои сеуште не сме ги доживеале.
(Назим Хикмет)

Во една класична социолошка дефиниција синдикат е организација на работници која се залага за зачувување и унапредување на условите за работа. Но дали тоа е доволно широк делокруг на оваа, пред се`, социјална институција? Дали не е малку ова лабава дадена улога на една толку важна институција во општественото живеење? Имено, синдикатот како масовна организација што ги претставува интересите на работниците врзани за работното место, спаѓа меѓу оние актери кои имаат значајна улога во креирањето на социјалните политики. Но тоа тешко може да се каже за синдикатите во Македонија. Воочлив проблем е инструментализацијата на сидикатите. Всушност тие (синдикатите) немаат никаква улога во реалните политички процеси и превирања. Синдикалните раководства пак имаат лесен пристап до бенефитите на владеачките класи и на тој начин и самите стануваат дел од таа елита, а за возврат ја обезбедуваат лојалноста на водството од синдикалната организација кон владејачката елита.

Трудово правната легислатива во РМ освен што е екстремно нестабилна, таа е и кобна по синдикалното движење. Како тоа тло за работничкото движење систематски и смислено се уништуваше сите овие транзициски години од страна на сите досегашни владеачки елити може да се види од студијата на ДСП – Ленка насловена како Штрајк: искуства и состојби. Најсилното оружје на синдикатот, актот на штрајк, практично е невозможно да се активира без прекршочни и казнени одредби по организаторите, т.e. синдикалците! Така работниците се уплашени да посегнат по него. Но секако, тие не треба да заборават дека синдикалната борба не може да се ограничи со правните норми од таа област. Ако овие одредби ја ограничуваат борбата, тие или не треба да постојат или треба да бидат изменети!  

Исто така, проблем е и лошата слика на синдикатите во очите на јавноста, особено во очите на работниците. Но сепак, се чини дека во голема мера е оправдана таа слика – најголем дел од синдикатите апсолутно ништо не направија за работничката состојба во изминатиов период, напротив тие го дифузираа работничкото движење и го урнаа неговиот углед како социјален концепт за политичка акција. Во оваа насока конечно треба да се раскине со големата лага и пропаганда која гласи НЕПОЛИТИЧКИ / НАД-ПОЛИТИЧКИ СИНДИКАТИ! Синдикатот иманентно треба да биде политички активен, бидејки само така може да ја оправда есенцијата на неговото постоење. Газди кои извикуваат да престане синдикатот да биде политички активен во суштина сакаат да бидат оставени на мир тие да бидат политички активни согласно класната припадност – сведоци сме на целосно финанисрање од страна на приватните компании со огромни средства на изборните кампањи на граѓанските либерални партии.

1b468837-7aa8-4dfa-9e7b-d6df81dc78d1

Понатаму, структурата на самите синдикати е суштинско ограничување во класната борба која треба да ја предводат. Односно, нивниот хабитат е неприкладен за општествени промени, не само големи туку неспособен ниту за најмали промени во полза на работничката класа. На работниците им требаат синдикати кои од темелот на општеството (производниот процес) па се до најгорниот слој на социјалната и културолошка надградба на заедничкото живеење, ќе им овозможи да имаат право на одлучување, синдикати кои можат да ги контролираат, кои ќе бидат дел од нивниот живот, и кои ќе бидат впуштени во акција заради својот народ (класа) а не само заради специфичните секторски работнички интереси. Заради ова потребни се класно ориентирани синдикати и една од најголемите пречки до тој пат е професионалното раководство и заглавеност во административните лавиринти на трудово правната легислатива. Потребен е синдикат кој нема да ја дели работничката класа по никоја основа, дури ниту по секторска. Треба да се каже НЕ за бирократските и професионални синдикати кои се отуѓени не само од класните интереси на работниците, туку и од самиот производен процес. Дури и да биде формиран синдикат со најдобри намери и заложби, ако истиот не биде контролиран од работниците, односно ако тој не биде дел од нив, истиот ке си ја создаде својата професионална бирократија која пак ќе го уништи неговиот класно социјален ангажман.

Новиот вид на синдикати не треба да биде само тесна рамка на интересите на работниците, тој е потребен како културно образовно јадро, како колевка на промените. Синдикати кои ќе им овозможат и организираат партиципација на работниците во сите демократски процеси –  особено во демократизација на производните односи и раководење со капацитетите. Најголем дел од нашите раководители во синдикатите, не само што немаат никакви – ниту елементарни – познавања од аспект на посебни/специфични знаења и обуки за заштита на работничките права кои самиот синдикат треба да ги верификува, туку, што е и најтрагично, ниедна синдикална организација не врши едукација за истите! Така имаме тотално синдикално необразовани синдикалци!

Во една ваква ултраНЕОлиберална економско-политичка констелација синдикатите се појавуваат како суштински битен елемент за драстични промени во заедницата. Пред се, тие ја имаат улогата на трансмитер, односно, да ги запознаат работниците со техничкото управување на производството и економскиот живот воопшто и да ги подготват за завземање на социо-економскиот организам во нивни раце и истиот да го обликуваат според своите класни интереси и принципи. Ако левицата моментално се погледне како еден вид политичка авангарда на промените, во тој процес за неа тие (синдикатите) ја имаат базичната улога да ги постават темелите на новото општество во школката на старото.

Синдикатите се потенцијална сила за револуционерна општествена промена; директни партиципиенти во партиската улога за промени во капиталистичкото општество во насока на ново општество кое ќе биде демократски управувано од работниците.


Хактан Реџеп Исмаил

Член на Президумот на „Левица“.

11220926_1078139238892975_1957489633324792543_n