Бисероски: Департизирана и професионална администрација во служба на народот

administracija

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Односот на граѓаните кон власта се прекршува врз јавната администрација. Секој вид на државна репресија нужно се операционализира баш преку јавната администрација. И обратно, при изблиците на граѓанско незадоволство прва на удар (и единствено достапна за удар) е токму јавната администрација. А кај нас нема само репресија, туку вистинска протодиктатура. Затоа, не е ни чудно што за оној од надворешната страна на шалтерите, во приемните одделенија во болниците или во училишните клупи сликата што ја формира за јавната администрацијата е налик на некој кафкијански роман. Општото мнение за неа е дека е партизирана, некомпетентна, корумпирана, мрзлива и растечка рак – рана во сите годишни буџети. Во политичкиот дискурс постојана мантра е нејзината департизација како императив и за политичката и за економската самоодржливост на државата.

Сепак, со генерализациите мора да се биде претпазлив. Прво, извесен дел од партиските вработени во администрацијата се обични, сиромашни и изнамачени, а згора на тоа и способни луѓе за кои изборот бил меѓу партиското вработување и нечовечките услови за работа кај локалните робовладетели. Лесно е да се морализира над нивниот избор, но факт е дека тие не се дел од некаков репресивен апарат, туку и самите се објекти на репресија. Исто како во приказната на Цепенков за богатиот што му дал џигер на еден сиромав, и тие постојано се угнетени постојано да приложуваат услуги (особено кога се избори, а кај нас тоа практично значи цело време) и докази за верност кон „Партијата“. Освен тоа, и оние малубројни квалитетни професионални кадри од пред вмроизацијата ги трпат и притисоците од власта и гневот на граѓаните иако тоа со ништо не го заслужиле. Затоа, мора меѓу каколот опортунисти и подлизурковци да се истреби и да се зачува житото од кое ќе почне евентуалната санација на јавната администрација.

Така, на департизацијата мора да ѝ претходи евалуација на секој вработен поединечно. И мора да се води сметка и за социјалниот критериум – сиромашен и способен службеник не треба по никоја цена да се брка само затоа што една нечовечна власт ја искористил неговата мака.

Втор проблем треба да биде и рационализацијата. Настрана паразитизмот на оние кои воопшто не одат на работа, а примаат плата само поради „правична“ процентуална застапеност, проблем е и организацијата на работата во поединечните сектори од администрацијата, која често е одредувана со некомпетентни и паушални правилници и регулативи „од горе“. На едно чудо вработени кои примаат плата од буџетот, пак чекаат, на пример, земјоделците кои се цел ден на нива да дојдат кај нив во градот за да аплицираат за средства од разните ЕУ фондови. И пак земјоделците се кабает зошто не се информирани и зошто не доаѓаат да аплицираат. Впечаток е дека нема систем кој не може да се реформира со правилна организациска поставеност и јасни и соодветни правила за кои се обезбедува да се почитуваат. Е сега, ако на една протодиктатура за да владее и за да се самоодржува  ѝ се неопходни неспособни, послушни и подмитливи луѓе како база, тогаш критиката за неефикасноста не треба да се сведе само на администрацијата, туку треба да се упати на оваа повисока инстанца.

Исто така, неопходно е овие вработени да имаат една автентична синдикална организација (не само про форме како сегашнава). Не треба нивното достоинство да зависи од волјата и демократскиот капацитет на владеачката партија. Вистински независна јавна администрација имаме кога самоите вработени се доволно силни за никој  да ги уценува, брка, сменува, малтретира и обременува со безброј партиски ангажмани не затоа што, ете, како власт била совесна или принципиелна, туку затоа што би ѝ било страв да го прави тоа поради сите механизми кои синдикалната организација им ги дава на вработените.

Така, департизацијата на администрацијата ја подразбира и нејзината автентична синдикална организација како свој дијалектички корелатив. Независноста не треба да се сведе само на особина на индивидуата, туку треба да се  создадат и општествени, материјални услови за неа. А ефикасноста поздразбира непосредно да се препознаваат проблемите на граѓаните и работејќи постојано нив да им се оди во пресрет, а не во канцеларии да се препишуваат и донесуваат реформи кои ќе донеселе „поволен деловен амбиент “.


Автор: Кирил Бисероски
Левица

8ba4c490-659c-4cb3-8c03-b39daf1b019e

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ