Биди дел од ослободувањето!

15890_10209474751609703_3012317991642697433_n

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Живееме во мигови кои се исклучително важни за нашата земја и за сите нас. Или ќе си ги вратиме назад слободата, земјата, надежта во подоброто утре или над Македонија ќе се надвие сивилото на отворената диктатура. Во овие мигови сите ние, граѓанки и граѓани на Македонија, создаваме историја, за добро или за лошо.

Во овие исклучително важни мигови е многу важно да се даде личниот придонес во оваа борба за подобро утре, да се биде дел од ослободувањето. Реки народ течат по улиците на Скопје, улиците ширум Македонија. Приклучете им се! Чувството е прекрасно, ќе забележите и самите! Нема страв, туку непокор! И, знајте, ниту една автократска власт, ниту една диктатура не успеала да го издржи масовниот и истрајниот притисок на широките народни маси!

Упатуваме повик и до оние што директно стенкаат под партиската контрола на ДПМНЕ, оние кои властодршците ги злоупотребуваат за свои потреби. Покажете и вие достоинство и самопочит! Можете! Ве принудуваат да одите на контрапротести, да ги слушате досадните говори, излитени до крај, на луѓе кои бесрамно и’ слугуваат на врхушката која ја искраде нашата заедничка земја. Најдете прилика, најдете начин да го покажете својот непокор. Не се појавувајте на контрапротестите, ако мислите дека мора да прифатите да ве довлечкаат до Скопје, не одете на контрапротестот. Фаќајте „кривини“ на кој било начин! Заштитете си го достоинството, честа, вашите права како човечки суштества! Имајте предвид дека ова е борба за слобода и дека вас ве принудуваат да бидете на спротивната страна на барикадата. Што ќе им кажете на вашите деца, внуци, што сте правеле вие во текот на борбата за слобода? Ако го цените ТМОРО и неговата борба за слобода, запрашајте се, на која страна ќе беа Гоце Делчев, Никола Карев, Јане Сандански да живееја денес? На страна на властодршците или на страната на ограбениот и обесправен народ?

Особено ги повикуваме работниците и нивните синдикати да не стојат настрана во оваа борба за слобода и социјална правда. Ако на овие бројни и масовни протести се придодадат и штрајкови, тогаш режимот ќе биде на колена! Особено е важно работничкото незадоволство во јавниот сектор. Особено таму може да се парализира режимот. А незадоволството е веќе тука. Режимот им ги зголеми платите на судиите, но без трошка праведност и човечност, ниту малку не ги зголеми платите на судските службеници. Како тие да се неважни. Да, тие се неважни од гледна точка на властодршците, зашто сега им се умилкуваат на судиите, зашто од нив зависи дали ќе ги стигне правдата! И не е само штрајкот опција, работници. Ако не може да се организира штрајк, тогаш барем успорете го процесот на извршување на работата. И тоа ќе даде мал, но важен придонес во општата борба за слобода и социјална правда. За десет дена е Први мај, големиот работнички празник! Нека тоа не’ мотивира дополнително да го изразиме нашиот непокор!

Наведнатата глава сонце нема да види! Да ги кренеме главите! Гордо, високо!

Ќе победиме!

8ba4c490-659c-4cb3-8c03-b39daf1b019e

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ