„Возење“

jsp6cscsc-28399

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Веќе извесно време не сум се возел со јавен превоз, па при првата потреба се соочив со новости од типот на начини на плаќање.

На возачот, средовечен, пријатен човек, му кажав „добар ден” и некако природно, обидувајќи се да ми објасни како се плаќа, разговорот се насочи кон состојбите во ЈСП.

Кратката релација на која се возев вообичаено е прилично „спакувана” со сообраќај во тој дел од денот, со кратки тргни-застани-чекај интервали, па можевме безбедно и непречено да разговараме.

– „Што се случи со штрајкот?”, прашувам, обидувајќи се неусетно да ја сменам темата.

– „Сѐ уште трае”, ми вели, потсмевајќи се.

Потоа, во кратки црти ми објаснува за превработеноста по партиска линија, за секојдневните казни и притисоци, за прекувремените и никаде нерегистрирани часови возење, за преместувањата на „полоши” линии и распоред на смени доколку некој се буни, за чувството на недостаток на безбедност и секојдневните предизвици и ситуации. За тоа дека имаат “бенефициран стаж”, но тоа подразбира само порано одење во пензија, не и платени придонеси за “бенефицираниот” период.

– „Немате ли синдикат?”, велам, „да ви ги претстави барањата, да не бидете поединечно изложени на притисоци?”

– „Има три: еден во рамки на ССМ, еден Независен Возачки и Возачки синдикат. Но знаеш како стојат работите кај нас – за сметка на личните привилегии, некои од нив замолчуваат, а други биваат замолчени со тоа што ги казнуваат, прераспоредуваат на други работни места и слично. Не ни признаваат дека сме штрајкувале, тоа бил обичен собир, за барањата си играат пинг-понг со нас меѓу Град Скопје и ЈСП, додека ЈСП е претворено во партиско биро за вработување. Се чувствувам понижено”…

Се поздравивме.
Се симнав од автобусот.

Колку ли вакви луѓе има во оваа наша земја?
Луѓе во зрела возраст – предоцна да си отидат одовде, прерано да се откажат, луѓе на кои младоста им поминала во надеж за подобро.

Дотаму стигнавме, си велам, да дозволиме да се стутули другиот над својата основна егзистенција и да не смее ни да прозбори?
Човек кој чесно си го заработува лебот да трепери пред опасноста – да биде понижен, казнет, игнориран… отпуштен?
Оти не ја храни илузијата дека „добро е”, со осквернето достоинство и наведена глава.

Одам, размислувајќи каква ли е таа илузија што го храни ова чудовиште?
Каква ли е таа илузија во која привилегиите се повредни од живите луѓе околу нас?
Каква ли е таа илузија, која, во името на некакви имагинарни величини ја понижува овдеприсутната величина – човекот?
Велам, илузија е!
Илузија – која мора да се сруши!
Илузија е – која ќе ја срушиме!
Мораме!

В.К.

8ba4c490-659c-4cb3-8c03-b39daf1b019e

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ