Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Новиот Пржински договор не ги исполни очекувањата. Борбата продолжува!

Левица со незадоволство гледа на склучениот договор Пржино 2, договор кој не гарантира фер и демократски избори и излез од политичката и економска криза. Склучен е договор кој ги изневери барањата и принципите на протестното движење, на најголемиот дел од сите оние граѓани кои масовно и секојдневно излегуваа на улиците изминатите 3 месеци.

Левица алармираше уште во текот на обновените преговори дека тоа е нетранспарентен процес, преговори зад затворени врати, надвор од очите на јавноста и правото на граѓаните да имаат целосен увид во договорот што им ја крои иднината. Притоа:

  1. Не е договорена експертска влада, туку е договорена политичка влада – повторно враќање на минатогодишниот договор од Пржино и дворски игри со бројот на министрите, замениците министри, обемот на нивните ингеренции и слично. Независен арбитар за можеби најзначајните избори во новата историја на РМ – нема да има. Четирите партии само ја одложија арената на нивните борби, повторно чувајќи го народот и протестното движење како адут во рака за ново пазарење.
  1. Немаше претставник на граѓаните, на протестното движење и здруженијата на граѓани на преговорите. Ниту во својство на мониторинг. Таков претставник ќе нема ни во органите на власта задолжени непосредно за спроведување на изборите. Одговорноста за евентуалното пропаѓање на договореното и ново продлабочување на кризата, останува врз четирите партии потписнички.
  1. Постоењето и легалноста на Специјалното јавно обвинителство остана да виси во воздух, а ни збор за специјалното одделение во Кривичниот суд, со оглед на “Сваровски“ судството и опструкциите кои ги правеше изминатиот период.
  1. Се дозволи владата да не’ задолжи со дополнителни 450 милиони евра од еврообврзницата и за тие средства нема гаранции дека нема да се злоупотребат за предизборен поткуп на гласачи.

Одговорноста за разочарувањето на протесното движење од видно лошиот договор кој го потпиша – останува врз СДСМ. Граѓаните не се само адут во ракавот кога преговараш со противникот. Граѓаните не се само бројка. Граѓаните се и принцип кој не смее да се изневери. Граѓаните испорачаа разумни барања, а тие барања неразумно беа заобиколени во преговорите со криминалците.

Конечно, целата политичка активност на граѓаните, изразена низ веќе развиената протестна култура на отпор против криминалите и неправдите ни дава оптимизам дека, иако на хартија заобиколен, народот политички се освестува и подготвува конечен удар за режимот во рамките на и онака фаличната парламентарна демократија. Ќе победиме доколку не се плашиме! Ќе победиме затоа што патот што го изодевме не’ донесе блиску до целта, пад на режимот и изградба на социјално праведно општество.

8ba4c490-659c-4cb3-8c03-b39daf1b019e

Најнови објави