Ивана Атанасовска – За „независните синдикати“ во Македонија


„…Не беше Ленка родена
за тиа пусти тутуни! “

 „ Ленка “  – Кочо Рацин

Општо е познато дека синдикатите се формирани заради заштита на работниците. Проблеми поврзани со ниските плати, нехумани, нечовечки и небезбедни услови за работа како и прекувремено работно време, но и многу други ситуации. Историски гледано работниците кои членувале во синдикати имале сериозни проблеми со нивните претпоставени, шефови или газди. Денес, за жал тоа е нашата реалност. Но, уште позастрашувачки е фактот што добар дел од постоечките синдикати постојано одработуваат за партиски цели и интереси.  Во никој случај не работат во интерес на работниците.  Јас би рекла дека тие одработуваат за газдите, а со тоа ги намалуваат правата на работниците. Жалосно е што во ова време сѐ уште се дебатира и објаснува дефиницијата за тоа што претставува синдикат и за какви цели и интереси треба да се бори синдикатот.

Како што најпознат синдикат за борба на работничките права е Американската федерација на трудот ( AFL ) кој своевремено имал 1.4 милиони членови за да достигне членство од над 14 милиони и константно зголемување на членство од јавниот сектор така во Македонија најпознат синдикат сиве овие години во одземање на работничките права е ССМ (Сојуз на Синдикати на Македонија). Постојаното пропаѓање на еден друг голем синдикат како што беше СОНК кој се уништува, а за мене исто како да не постои, го има на чело можеби вториот најголем несиндикалец во земјата Јаким Неделков. Како што вистинските синдикати, независни и демократски знаат да се борат за работнички права, зголемување на платите и се поголема заштита така овие нашиве, посебни и единствени знаат многу добро да се изборат за одземање на правата на работникот.

Постојаната експолоатација и угнетување на работникот во нашава земја доведува до ситуација каде што работниците како што немаат верба во институциите, конкретно трудавата инспекција, уште повеќе да немаат верба во синдикатите.  За нив истите како и да не постојат и дефинитивно на работникот на кој постојано се кршат правата не му паѓа на памет да се обрати во синдикат или да побара било каква заштита. Многу од синдикатите ширум светот се залагаат за истата цел од моментот кога се основани. Денес, многу од синдикатите ширум светот постојано се борат за поголеми работнички права кои за нас се научна фантастика.Додека имаме постојано зголемување на животниот стандард на работниците како и зголемување на бенефициите на работниците и нивните семејства, така во Македонија се соочуваме со фактот дека не постои силен синдикат.

Според мене нема цена која ќе го плати трудот на работникот. Не постои такво нешто со кое ќе се компензира потта или смрта на работник на работно место како што не постои цена која ќе ја покрие маката и трудот на еден чесен работник. Синдикатот треба да се бори за еднакви права и еднакво остварување на истите тие права на секој работник. И да не се лажеме, работодавачите секогаш се обидуваат да го зголемат својот профит со тоа што очекуваат работникот да го даде својот максимум од себе, а за возврат да добие некаква минимална плата со која е прашање дали работникот може и да преживее.

Од овие причини се јавува потребата за формирање на автентични синдикати. Ние од Левица ќе се бориме за секој работник и ќе покажеме дека има некој кој после толку години експлоатирање и угнетување е на страната на работникот. Само слободниот работник може да победи. Само вистинскиот синдикат може да се бори за подобра иднина на сите работници. Секој несиндикалец на совест ќе ги носи животите на работниците. Затоа што достинството е над смртта, а секој чесен работник има огромно достоинство. Да се сплотиме заедно за поголеми работнички и социјални права и за вистински независни и демократски синдикати на кои ќе бидеме горди.

 

Ивана Атанасовска
членка на ЦК на Левица