Нема да нè натерате да скршнеме!

levica-logo

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Повеќе од очигледно е дека Левица им боде очи на многу центри на моќ. Различна е, подемократска од сите останати, втемелена е врз принципи – принципи кои тие центри на моќ ги чувствуваат како закана за својата моќ. И затоа на аргументираните критики на Левица возвраќаат не со контрааргументи, туку онака како најдобро знаат – со навреди и клевети, со кампањи за оцрнување на Левица и нејзините членови, со измислици и спинови. Каде што има чад има и оган. Стопати повторената лага станува вистина. На тој начин веруваат дека ќе ја уверат јавноста дека Левица е иста како и нив, дека се бори за голата власт и за привилегиите што таа ги носи.

Покрај обидите од надвор да се оцрни Левица, постои и обид Левица да се разбие и да се потчини на клиентелистичкиот дух кој доминира со македонската политика и од внатре. Неколкумина наши членови, седум-осуммина, злоупотребувајќи ја демократичноста и толерантноста на Левица, непочитувајќи ги Статутот на сопствената партија, мнозински донесените одлуки и другарството, веќе два-три месеци водат кампања на валкање на имиџот на Левица во јавноста.

Нивното незадоволство е од одлуката на Левица да настапи самостојно на парламентарните избори, а не во опозициската коалиција со други партии СДСМ. И, поведени од тоа незадоволство, тие во овој период побараа од судот да го забрани учеството на Левица на изборите (не еднаш, туку во два наврати), па неделата пред изборите држеа прес-конференции, изнесувајќи лаги со цел да ги одвратат граѓаните да гласаат за Левица, а сега, откако им беше замрзнато членството во Левица, поведуваат судски процеси против Левица. Едно е повеќе од очигледно: ним не им е гајле за Левица. Да беше поинаку, нема да вложуваа толку големи напори да ја оцрнат сопствената партија. Што ги мотивира – оставаме самите да заклучите.

Левица се гордее со својата внатрешна демократија. Посветена на демократизацијата во сите сфери на општественото живеење, Левица, за разлика од другите партии, не се иззема себеси од процесите на демократизација. Ние не сме султан-партија како останатите; кај нас одлуките не ги донесува лидерот, евентуално со неговото најтесно опкружување. Ние дури и немаме лидер, туку колективно претседателство, Президиум, кој функционира на чисто хоризонтална основа и со вклучување на останатите раководни органи во процесот на одлучување. Се гордееме со нашата внатрешна демократија, на која можат да ни позавидат не само сите политички партии во Македонија, туку и најголемиот број од невладините организации.

15253414 1379182348761428 8464230479502854693 n

Можевме, одлуката околу нашиот настап на изборите, како и другите, да ја донесеме во тесен круг од највлијателни членови. Но, ако за најважните одлуки не важат демократските процедури и ако демократските процедури се применуваат само за помалку важните одлуки – колку ќе бевме верни на самите себе, колку навистина ќе бевме партија посветена и раководена од принципи? Затоа одлуката околу настапот на Левица на изборите беше донесена оддолу-нагоре, без прејудицирање на конечниот резултат и во целосно слободна дискусија во која секој имаше право да ги изнесува своите аргументи за самостоен настап, за приклучување кон најголемата опозициска коалиција, за неучество на изборите или за која друга опција која тој/таа сметал дека е исправна. Право кое обилно се користеше од нашите членови.

Прво одлучуваа нашите локални ограноци, а финално одлучуваше нашиот Централен комитет. Координаторите на локалните ограноци при нивното гласање не се водеа од личните преференции, туку од ставот на својот локален огранок. Президиумот, за да не му влијае со своето мислење на Централниот комитет, не се определи за некоја од опциите за учество на изборите, туку неговите членови по свое наоѓање гласаа на седницата на Централниот комитет.

И се донесе одлука околу учеството на изборите. Некому му се допаѓаше одлуката, некому не. Но, ако се направени сите напори да се овозможи што е можно подемократски донесена одлука, дали демократијата значи да се има одврзани раце да се преземе сè за да се поткопа таа одлука?

Дел од нашите членови кои гласаа против или воздржано за самостоен настап, по донесувањето на одлуката за самостоен настап на изборите, целосно се вклучија во имплементацијата на таа одлука. И целосно се вложија во изборната кампања. Да, не беше донесена одлука која ја сметаа за најправилна, но штом мнозинството одлучило поинаку во демократска процедура, тогаш демократијата бара почитување на таа одлука или нејзино непочитување и поткопување?

Но, дел од нашите членови кои беа против одењето на избори самостојно, седум-осуммина од нив, имаа поинакво сфаќање на демократијата. Штом не ми се допаѓа одлуката, тогаш ќе направам сè што можам да ја оневозможам. Почнаа со тивок бојкот на имплементацијата на одлуката, продолжија со одбивање да прифатат кандидирање на изборните листи, а по поднесувањето на изборните листи не еднаш, туку двапати побараа од судот да ѝ забрани учество на изборите на Левица. Малку им беше сето тоа, па во клучен момент, неколку дена пред изборите, држеа прес конференции, симулирајќи дека има внатрешен раздор во Левица и одвраќајќи ги граѓаните да гласаат за Левица.

ccb8539c ff4a 4cba 97c2 b083c36ea1a4

Несомнено наштетија на нашиот изборен резултат. Тоа им беше и намерата. Но, што може да се преземе околу тоа? Ако некој сака да наштети, тогаш нема премногу опции како да се оневозможи тоа. Единствено може да се бара одговорност за преземените чекори. Согласно Статутот на Левица https://levica.mk/statut/ (кој го прифаќа секој нејзин член при своето зачленување во Левица) обврска на членот е да ги спроведува одлуките на партиските органи и да ги застапува интересите и ставовите на Партијата и во своите јавни настапи да го следи идеолошкиот курс, подобрувајќи го нејзиниот углед.

Бидејќи очигледно таа група од седум-осуммина не го почитуваше Статутот на Левица, против нив беа поведени дисциплински постапки. Колку недемократски! Нели демократијата значи да се прави сè што се сака и ако тоа се ограничи, тогаш имаш целосно право да тврдиш дека нема демократија? Што ќе значеше за Левица да не поведеше дисциплински постапки против своите членови кои јавно делуваа против неа? Дали тоа не значи дека преќутно се дозволува буквално сè? Дека никој не е обврзан да ги почитува нејзините одлуки, без разлика на демократичноста на постапката во која се донесени? Зашто, јасно, штом едно вакво однесување не биде санкционирано, тогаш сè е дозволено.

Дисциплинската комисија одлучи да им го замрзне членството во Левица и да изрече мерки за суспензија на речиси сите членови на оваа група, освен на еден, за кого донесе одлука за исклучување, бидејќи во неговиот случај, покрај роварењето против Левица во јавноста, имаше и докази за негова употреба на физичка сила против друг член на Левица. Многумина членови на Левица бараа исклучување на целата група, но Дисциплинската комисија одлучи да примени поблага казна. Сега слушаме од медиумите дека овие наши  другари наводно поднеле тужба до суд во врска со нивното замрзнување на членството во Левица. Нè интересира, кој објективен суд, врз основа на фактите што тие направиле и каква дисциплинска мерка добиле, би пресудил во нивна корист? И нè интересира со кое лице ќе ги погледнат своите другари во очи после сето тоа што го направија? Ако воопшто имаат некое достоинство?

Вреди да се напомене и дека оваа група на луѓе не ужива речиси никаква поддршка од членството на Левица за овие свои потфати, наспроти нивните тврдења дека имаат значителен број од членовите и основачите на нивна страна. Во овој процес, членството на Левица повеќе од било кога застана зад одлуката за самостоен настап и ги препозна опортунистичките и егоистични намери на гореспоменатите. Тоа најмногу може да се види од фактот дека ниту една локална организација на партијата не се оддели и не застана на страна на оваа група. Доколку тие навистина го имаа придобиено членството на своја страна како што тврдат, досега тие ќе имаа извршено преврат и ќе ја преземеа Левица. Очигледно останаа изолираниво својата неуспешна намера.

Политиката во Македонија е валкана, исклучително валкана. Го знаевме тоа кога одлучивме да формираме политичка партија. Се работи за борба за поделба на колачот во која секогаш извисува обичниот народ. Но ништо не кажува дека нужно мора да биде така. Ние сметаме дека е можно политиката да се води врз основа на принципи и за општо добро, а не со цел да се извлече лична корист. Длабоко нè разочараа нашите другари на кои им ја дадовме нашата доверба и нашето другарство. Но нема да нè поколебаат да скршнеме од нашиот пат. Нема да станеме како нив и како останатата политичка елита во Македонија, беспринципиелни, користољубиви, егоистични. Одлучивме да го менуваме општеството на подобро. Тој пат е тежок, трнлив, но не се откажуваме од чекорењето по него.

8ba4c490 659c 4cb3 8c03 b39daf1b019e

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ