Рудниците на смртта не смеат да проработат


„За туѓи бели дворови копај си црни гробови“ -К. Рацин

Рудниците на смртта се закануваат да ја уништат Македонија! Недогледни бездни, секојдневни земјотреси поради употребата на динамит, употреба на тони и тони цијанид, кисели дождови, отровна вода за пиење, смртоносна прашина. А придобивките? Тие нема да ги уживаме ние, зашто Македонија ќе задржи само 2% од вкупното ископано злато.

Во Гевгелија канадска корпорација планира отворање на два рудника за злато со отворен коп. Таму, на тон земја има два грама злато. Вакви количини на злато има низ Европа – поконкретно во Шпанија, Швајцарија и Италија, но таму овие рудници се забранети. Зошто се забранети, најубаво се гледа преку процедурата за отворање на вакви рудници и последиците од истата во случајот со Гевгелија.

Во Гевгелија, на Кожуф, се планираат два рудника. Едниот е со површина од 900 хектари, другиот со површина од 3.000 хектри. За споредба, градот Гевгелија лежи на површина од 300 хектари. Во превод, едната дупка, бидејќи тоа ќе биде рудник со отворен коп, ќе биде колку 3 Гевгелии, а другата колку 10 Гевгелии. Уште еден пример, 3.000 хектари е површината на Водно помножена по четири. Станува збор за дупка со површина колку четири планини Водно. Таа дупка ќе се гледа од вселената!

Вакви дупки во нормални земји се прават само во пустина, но кај нас се планира среде шума. За да се направат овие ископи, прво ќе се исече најбогатата букова шума во земјава која зафаќа површина од 4.000 хектари. Станува збор за 10 пати поголема дрвна маса од онаа на Водно. Потоа, секој ден со околу 20 тона динамит ќе се минира земјиштето. Бидејќи едниот рудник е во непосредна близина на градот, а другиот на 15 километи, во градот и околните села секој ден ќе се слушаат страшни експлозии и ќе има земјотреси од 3 до 4 степени. Тоа минирање, како и товарањето и разнесувањето на минираната земја, секој ден ќе создава 10 тона прашина која содржи смртоносни отрови (арсен, талиум и сулфурни оксиди). Таа прашина ќе паѓа во Гевгелија и сите околни населени места и практично тоа ќе биде воздухот кој граѓаните ќе го дишат. Така минираната земја со големи транспортери ќе се транспортира на места каде што ќе се натрупува до височина од 7 метри. Врз таа земја ќе се постават распрскувачи кои дневно ќе прскаат по 10 тона цијанид затоа што цијанидот ги одделува златото и бакарот од земјата. За да се отруе населението во Гевгелија, потребни се само 10 кг цијанид.

Откога ќе се издвои златото, остануваат големи количини на јаловина која е смеса од цијанид, арсен, антимон, талиум и сулфурна киселина. За 20 години колку што се планира да работи рудникот, на Кожуф ќе се натрупа доволно јаловина за да се наполни Дојранско Езеро. Таа јаловина ќе ја врне дожд. Дел од водата од дождот, размешана со овие отрови ќе понира во земјата и ќе ги загади сите подземни води од кои населението пие вода. Дел од дождот размешан со овие отрови ќе го опече сонце и водата со овие отрови ќе испари и ќе се формираат облаци. Од тие облаци во населените места ќе паднат кисели и отровни дождови кои ќе затрујат буквално сè што е живо. На крај од приказната, од целото злато кое ќе биде ископано, во државата ќе останат само 2%. И покрај сите застрашувачки факти, промоторите на рудникот остануваат на своето, работејќи за лични интереси, а на огромна и ненадоместлива штета на сите жители на Македонија. Имајќи ги предвид ужасните последици од оваа „инвестиција“, нивниот игнорантски однос се граничи со лудило.

Да се потсетиме дека демократијата претставува интегрално почитување на сите човекови права: и политичките и цивилни и социјалните и економски, како и зелените права. Нема демократија ако се почитува еден тип на права на сметка на друг. За заштита на овие права од власта предвидени се инструменти како што се избори и менливост на власта. Но демократијата не завршува со гласање на избори. Помеѓу избори, на располагање има инструменти како на пример граѓански иницијативи, граѓански собири, референдуми и протести (граѓанска несоработка со власта). Тоа што го прават во моментов граѓаните на Гевгелија е демократија. Истата функционира и е лек против незаситните интереси на меѓународните корпорации.

Сè што треба да се направи е да се информираат доволен број на граѓани за катастрофата која следува со отворањето на вакви рудници. Со тоа ќе се направи притисок врз локалната власт да распише референдум по тоа прашање. Ако локалната власт остане глува, тогаш граѓаните може да соберат доволен број на потписи за референдум, по што локалната власт има законска обврска да распише референдум.

Левица како партија која по Статут има цел да ја унапредува заштитата на животната средина, наспроти капиталистичката експлоатација на природните ресурси, ги поддржува активностите околу референдумот на терен преку своите членови и ги повикува сите оние кои се двоумат дали да излезат на референдум, убаво да ги разгледаат информациите кои сега се лесно достапни и да излезат и да гласаат против. Исто така ги охрабруваме граѓаните на општина Кавадарци, Валандово, Берово, Ново Село и Радовиш да се организираат во граѓански здруженија и да ги информираат своите сограѓани за идеите на оваа меѓународна корпорација со цел да се направи пристисок врз локалната власт за распишување на референдум. Гледаме од примерот на Гевгелија, дека ако се информираат доволен број на граѓани ова функционира. За оваа цел, тимовите на Левица се на располагање во секој момент.

Дури и да го имаме сето злато на светот, не можеме да преживееме без воздух и без вода!

СТОП ЗА КАПИТАЛИСТИЧКАТА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА РЕСУРСИТЕ НА ШТЕТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА!

 

Пишува: Саше Јанчев, модератор на ЛО-Гевгелија

Сподели ја веста: