Проблемот со ромите во Битола – огледало на проблемите во нашиот град!

sugarev

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Последните години се провлекува проблемот родители македонци да не сакаат да ги запишат нивните деца во училишта каде што има деца од друга националност (во случајот роми). Уште потрагично е тоа што Советот на Општина Битола многу штуро се обидел да го реши овој проблем. И покрај одлуката за реонизација од 2009 година, сепак законот за образование им дозволува на родителите да го запишат своето дете во било кое училиште доколку таму не е пополнет бројот, а намалениот наталитет им го олеснува тоа.

Ставот на родителите македонци е проблематичен по ова прашање. Со чинот на запишување на своето дете во друго училиште, поради тоа што во училиштето каде што треба да учи има роми, примерот кој им го даваат на своите деца има потенцијал да изгради генерации полни со омраза кон другиот врз етничка, верска и друга основа. Непознавањето на „другиот“ е клучно за развивање на омраза. Овој проблем се интензивира последниве години, иако постоел и претходно и покрај тоа што до 2009 год. немаше одлука која ги обврзуваше родителите да ги запишуваат своите деца во одредено училиште, па сепак бевме сведоци на мешани класови. Ова покажува дека заедницата во Битола под притисок на околностите, подолго време гради дискриминаторски однос кон ромската популација, но вистинското прашање е зошто тоа се случува и како сме се дошле во оваа состојба на исклучивост во нашата заедница. Евидентни се лошите услови во кои живеат ромите, како и дискриминаторските практики низ кои истите поминуваат секојдневно. Ромите се системски втурнати во ситуација каде не можат да најдат работа, принудени се да работат „на црно“ што понатаму со себе носи и други последици на еманципаторски и културен план. Овој проблем си има своја историска и генерациска генеза, па затоа е илузорно да очекуваме дека дискриминација која се случувала децении наназад, може да се реши на едноставен начин и по пат на апелирање. Условите за живот ја диктираат свеста и однесувањето кај поединците и групите. Кај ромите тоа е и видливо и кај најмладото население. Затоа би било погрешно исклучиво да се обвинуваат родителите на децата кои одбиваат да ги запишат во исто училиште со роми, бидејќи тие се чувствуваат загрижени за своите деца (оправдано или не). Сето ова се случува во отсуство на посериозни државни политики за решавање на проблемот и за системско искоренување на дискриминацијата од нашето општество.

Државата и многу организации кои се занимаваат со ромски прашања само навидум покажуваат заложби за решавање на нивните проблеми. Често пати, нивните заложби се сведуваат на одбележување на денот на ромите и апстрактни пораки против дискриминација и за толеранција и соживот. Но, треба да се анализира коренот на проблемот, за истиот соодветно да се реши. Никој не се раѓа како криминалец, криминалец се станува. Општествените околности се тие кои влијаат на ромите да посегнат по криминал, бидејќи истите се втурнати во безнадежна ситуација и мораат да се борат за живот. Затоа, кога во оптек се стереотипите „сите роми се крадци“ или „ромите се нечисти“ треба да сме свесни за нивните животни услови и дали тие свесно одбрале да живеат на тој начин. Ние како левичари сме против таквите генерализации и сакаме да го најдеме коренот на проблемот, наместо да влечеме лоши заклучоци за некаква генетска предодреденост на ромите да бидат крадци.

Овој процес на дезинтеграција на заедницата и нејзино континуирано осиромашување се меѓу другото и резултат на системските недостатоци на капитализмот како економски модел. Но, ова осиромашување во претходниот период беше плодна почва за замена на тези. Осиромашувањето на мнозинството од населението беше процес кој започна уште со приватизациските потфати во раните 90ти и нашиот град ден-денес не може да се опорави од таа состојба. Како да не беше важно тоа што „Двојче“ го крадеше градот заедно со бизнис елитите туку стана важно дека ромите ни го „загадуваат“ градот или тоа дека албанците ќе ни „го земеле“ градот. Се поставува прашањето каде ќе го носат и како ќе го загадат веќе ужасно загадениот град. Сиромашното население е население чија што можност за еманципација е ускратена, а тоа е плодна почва за садење на семето на омраза кон другите. Оваа состојба на заедницата ја искористија бизнис елитите и претходната управа на градот за нивна доминација и богатење врз сметка на целата заедница, без разлика дали тие се македонци, роми или албанци.

Што да се прави? Не постои вистинско решение во рамки на постојниот систем, во вака конструирано општество нема да се случи некој да не остане на маргините бидејќи овај систем е заоснован врз нееднаквост. Единствено решение е заедничка борба, борба за ново општество во кое нема да има ромчиња низ битолските улици кои се принудени да питаат, нема да има сиромашни во Битола и нема да има разни „двојчевци“ и слични кои ќе управуваат со судбините и животите на сите нас во Битола.

Нашата должност е да застанеме одлучно рамо до рамо со ромите во Битола, како и со сите обесправени и маргинализирани на било кој начин. Национализмот и шовинизмот се само алатки на моќните за нивна доминација и нивно гоење со потта на сите нас, без разлика на која етничка група припаѓаме. Она што нас сите не врзува е нашата социјална положба, нашата класна припадност, ние немаме ист интерес со моќниците во нашиот град. Нашиот интерес е достоен живот за сите нас, услови за развој и еманципација на сите нас, а нивниот е профитот, нивниот е да ни ја исцицаат и последната капка пот и да не фрлат на буништето наречено раб на сиромаштија. Времето дојде да се обединиме врз основа на нашиот заеднички класен интерес, само така има иднина за нас, во спротивно и понатаму ќе ни ја пијат крвта! Време е да не паѓаме на нивните магли дека другиот е крив, кога криви се тие кои ги креираат погрешните политики и раководат со економијата! Битола е пропадната бидејќи системските околности тоа го диктираат. Околности во кои е важен само профитот на малкумина, за сметка на животот и интересот на мнозинството. Констатацијата дека нѝ ја украдоа Битола е точна. Само што, нема тие сами да ни ја вратат, треба со свои раце да си ја земеме назад!

Решението е сложено, но првиот чекор е да пуштиме вода и со неа да си го ослободиме умот, да расчитиме со затнатоста и малограѓанштината, да се организираме и да покажеме отпор. Непријателот не е другиот, непријателот е скриен во зделките во општинските кулоари, во тендерчињата на РЕК „Битола“, во профитерството и опортунизмот на елитите, во експлоатацијата на нашиот труд и во нашето обезличување и отуѓување. Другиот не е непријател туку другар и соборец со кој заедно треба да се бориме и да ја градиме иднината, иднина за сите нас, а не само за привилегирани моќници и ним слични. Заедно ќе победиме, а поделени ќе нѐ победат! Само обединети имаме иднина!

Битолчани обединете се! Кажете НЕ на наметнатите поделби!

Поинаков град е можен, поинаков град е нужен!

Левица – ЛО Битола

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ