Соопштение на Левица за рудникот Казандол, Валандово


Странската компанија, која на сомнителен начин добила концесии за рудникот Казандол, ја извести јавноста дека во среда, 13.12.2017, почнала со минирање. Со тоа се дава до знаење дека таа компанија е решена во намерата за експлоатација на рудното богатство и покрај покажаната народна волја против. Планот за отварање на рудници во Валандово и цела Македонија како дел од мегаломанскиот проект за исцедување на природните  богатства во име на „светиот“ профит  се одвива непречено. Нагласуваме дека ова не важи само за Валандово, туку дека оваа инвазија на крупниот капитал се одвива низ цела југоисточна Македонија и се заканува со отселување на 400 илјади луѓе од тој регион.

Го повикуваме премиерот Зоран Заев, кој толку гордо, јасно и гласно изјавуваше дека рудниците нема да се отворат за време на кампањата, да си го одржи зборот. Неприфатливо е да се расфрла со фрази како „зборот е збор“ кога се работеше за укинување на очигледно катастрофални проекти на минатите фотељодршци, а сега да се крие позади изјави како: „за да не платиме како држава над 70 милиони евра отштета“ и „преминато е од арсен на цијанид“. Владата не работи доволно да го спречи ширењето на ова уништување на животната средина. Владата се однесува како посредник помеѓу нас, обичниот народ, и капиталистичките фирми и затоа нема да има резултати.

Да престанеме со дискусијата за дали се потребни или не рудници од овој тип – тоа време помина. За ефектите од изградбата на рудниците веќе некое време нè предупредуваат од здружениjата, кои активно се борат против отварањето на овие рудници. Не смееме да им го свртиме грбот на нашите сограѓани, затоа што ова не е проблем само на неколкумина, туку е проблем на сите нас. Време е да се преземат одлучни чекори, од страна на жителите на Валандово и од страна на народот во Македонија. Ова е црвената линија од која нема повлекување.

Стоп за Казандол!

Сподели ја веста: