Кривична пријава против уште еден член на Левица

levica-logo

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Членот на Левица од Гевгелија, Коста Карев, доби пресуда во која му е изречена условна казна затвор во траење од три месеци. Пресудата не е правосилна, поднесен е приговор па на 6 февруари во судот во Гевгелија ќе има рочиште. Еве за што станува збор.

Коста, на денот на последните локални избори ги сликал луѓето кои седеле во автомобил пред избирачкото место 0340 во Гевгелија и кои имале списоци во кои евидентирале кој бил да гласа, а кој не. Не станува збор за овластените набљудувачи, туку за тие луѓе кои се праќаат од партиските штабови и кои на секои избори по цел ден седат во автомобили пред избирачките места. Коста потоа сликите ги објавил на фејсбук. За време на сликањето, лицата кои седеле и воделе евиденција почнале да му се закануваат. Интервенирала полиција на тој начин што полициски службеник го легитимирал Коста. Коста го сликал полицискиот службеник и така помеѓу сликите се нашла и слика од униформираниот полициски службеник кој го легитимирал.

Поради таа слика на која е униформираниот полициски службеник, полицијата поведува постапка и го информира надлежниот Јавен обвинител. Обвинителот поднесува предлог за издавање казнен налог до судот во Гевгелија во кој се бара на Коста да му се пресуди условна казна затвор за сторено дело Злоупотреба на лични податоци по член 149 ст.1 од Кривичниот законик. Судот го прифаќа предлогот и пресудува како што е побарано.

Според чл. 149 ст.1 ова дело го врши тој што спротивно на закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци. Се наметнува прашањето од кога тоа униформиран полициски службеник на јавен простор (улица) претставува личен податок? Еве што вика науката. Имено, во книгата Казнено право, посебен дел, четврто дополнето издание од Проф. Владо Камбовски, издадена 2003 год, на страна 129 се вели дека лични податоци се факти врзани за личноста, нејзините својства, особини, карактеристики, склоности, интереси итн. но не претставуваат лични податоци тие што се достапни на јавноста, како што се тие врзани за професијата на едно лице.

Друго прашање е субејктивниот елемент кој мора да го има за делото да биде извршено. Имено, истата книга на наредната страна вика дека за постоењето на делото мора да има намера за користење на податоците од сторителот и тоа со цел да се стекне за себе или за друг некаква корист или на друг да му се нанесе некаква штета. Еве меѓу другото што напишал Коста кога ги објавил фотографиите: “Големите политички партии (читај: бандитски кланови) сеуште ги држат граѓаните заробени, пред избирачките места има автомобили во кои седат луѓе со списоци, полициските службеници се неми посматрачи… Тоа е тој наши зборен фолклор кој се карактеризира со суптилно (и не толку) насилство врз граѓанинот – избирачот; и директно, со контролирање дали некој поданик на партијата излегол да гласа”.i

Очигледно е дека тука целта не е никаква корист или штета на некој, туку целта е јавно да се објави што се случува пред гласачките места. А таму во автомобили има партиски активисти кои со списоци евидентираат кој гласал а кој не. Можно ли е истите тие луѓе да ѕвонат на некој и да го тераат да излезе да гласа или тоа да го направат преку други луѓе? Тоа е основ на сомневање за кривично дело Повреда на слободата на определување на избирачите од член 160 од КЗ. Наместо со ова, полицијата се зафати да го убие гласникот. А башка тоа, ваквото објавување на информации е редовна појава на ФБ. На пример на фб страната Ѕид на сообраќајниот срам неретко граѓани објавуваа фотографии од полициски автомобили паркирани непрописно и униформирани полициски службеници. Таму се објави и слика од автомобилот на министерот за правда кој беше паркиран на тротоар и кој помина преку две полни линии. Ако се тера вака, треба цела држава да се испоказни. Како и да е, останува судот да решава.

Туку тоа што загрижува е тоа што со ваквите постапки се удира директно против јавноста како најмоќна алатка за притисок и спречување на злоупотреба на власта. Да не беа снимките од полицајците како со пречекорување на надлежностите (ставање лисици) го смеќаваат антимилитаристичкиот протест на членовите на Левица, се ќе поминеше со изговор дека нашите членови биле само легитимирани. Со други зборови, полицијата лесно ќе може да си ги пречекорува надлежностите. Загрижува и тоа што законот не важи исто за сите. Ако ова што го сторил нашиот член е кривично дело, тогаш дефинитивно и сликањето на Чавков со лисици во судница и објавувањето на фејсбук од страна на Павле Богоевскиii е Злоупотреба на лични информации. Таму има лични податоци оти Чавков тогаш не беше министер, а башка и во судница без дозвола на судија не смее да се слика. За Павле ниту пријава ниту ништо.

Загрижува тоа што уште во текот на предходната постапка членовите на СДСМ од Гевгелија знаеја дека против Коста има кривична пријава. Уште абер немаше од казнен налог и казна, а член на СДСМ на статусiii на Коста од ноември месец во кој напишал дека внатре во полициска станица се пуши, во коментар му дал совет дека ако оди против државата повторно ќе му дадат кривична пријава. Од каде тие инфомрации на нив кога според ЗКП сите податоци во текот на претходната постапка се тајни, е прашање од посебен интерес.

И за крај, најзагрижувачко е тоа што наместо со огромните корупциски скандали и злоупотреби на власт како Маџар телеком, делата од бомбите, Поткуп итн. полицијата и правосудните органи се бават со Левица. Постапките против Савески и Демири уште се во тек, имаше насилно смеќавање на протест на Левица, а сега има и нова постапка против уште еден член на Левица.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ