Институциите глуви, одговорните лица слепи

25maj

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Пред неколку денови се обелодени грозоморниот настан. 13 годишно девојче, штитеник на домот за штитеници „25-ти Мај“, абортирало без знаење на нејзините родители, поради тоа што било жртва на сексуално малтретирање.

Се поставуваат повеќе теории околу овој случај. Некои велат дека се работи за силување, некои велат дека станува збор за проституција, а некои пак, без ронка грижа, кажуваат дека девојчето често бегало од домот и имало љубовна врска пришто забременило.

Таткото на девојчето, уништен од случувањата, изјави „сакам да ми ја вратат ќерката, бидејќи ако остане таму повторно ќе треба да абортира“.

Девојчето било згрижено, а нејзините родители завршиле во затвор поради питачење. Пред неколку години, девојчето било однесено на одмор од страна на семејството кое се грижело за неа. Тој одмор кобно завршил за неа бидејќи таму било сексуално малтретирано од непознато лице. Откако дознал таткото, отишол во центарот за социјални грижи каде што му кажале, заедно со девојчето, да отидат во одделот за судска медицина за да ги направат потребните испитувања. Таму им побарале 500 евра, за да ја прегледаат. Нормално не дошло до неопходниот преглед (поради немање на финансиски средства за покривање на трошокот), пришто девојчето било згрижено во домот 25 Мај, каде покрај сексуалното малтретирање, ситуацијата стигнала и до абортирање.

Прашања кои никогаш не добиле одговор се:

  1. Како е можно после првото сексуално злоставување, надлежните институции да не превзеле ништо, кога веќе постоеле основани сомненија за кривично дело врз половата слобода и половиот морал, кривично дело – полов напад врз дете кое не наполнило 14 години и кривично дело – наведување на проституција.
  2. Зошто надлежните институции не реагирале и не го презеле товарот на докажување на делата?
  3. Како, за докажување на делото, на родителите им биле побарувани 500 евра, кога веќе се знаело дека се работи за социјално загрозена категорија на луѓе?
  4. Дали семејството кое било обврзано да се грижи за девојчето сносило одговорност?
  5. Дали воопшто се покренала истрага за случајот?

Овие прашања остануваат неодговорени како и многу други кога се засегнати „граѓани од втор ред“ и според класната и според етничката припадност.

Директорот на домот вели дека чувствувал морална одговорност. Разни „експерти“ тврдат дека девојчето било свесно за тоа што го правело.

Овој случај не треба, а и не може да помине, без виновниците и сите инволвирани во истиот да бидат санкционирани. Директорот на домот треба да биде и кривично гонет, бидејќи дозволил или пак поради негова груба небрежност стигнало до овој грозен чин. Министерството за труд и социјална политика треба веднаш да спроведе интерна истрага за состојбата во домовите, а не да се извлече од одговорност со изјави од типот на „најверојатно се работи за пропуст“.

Некаде пишуваше дека децата штитеници слободно можат да излегуваат од домот до 21 часот, а многу често и не се враќале назад, пришто одговорните лица ги пријавувале во полиција.

Каква е таа грижа со која им се дозволува на малолетни деца да излегуваат од домот без никој да знае каде одат и што прават? Каква е таа старателска грижа, која дозволува штитеникот да го нема со часови, па потоа да се пријавува во полиција? Какви се тие „експерти“ кои тврдат дека дете од 13 години знаело што правело? Дали тоа малолетно дете има деловна способност за само да одлучува за нејзините постапки?

Да, домот е институција од отворен тип, што значи девојчето можело да излегува кога сака и да се враќа кога сака, но што станува тогаш со улогата на старателот? Ако децата штитеници можат да излегуваат и да се враќаат кога сакаат, тогаш, зошто воопшто постојат старатели? Од друга страна, улогата на старателот треба да биде и едукативна и образовна, односно, стрателот е тој кој требало да се грижи за тоа каде и со кого девојчето го поминувало времето надвор од домот.

Многу прашања и многу теории околу случајот, но овој пат не треба да дозволиме овој случај да се затвори како и сите претходни.

Пробуваат случајот да го затворат пробувајќи да ја убедат јавноста дека девојчето било свесно за нејзините постапки. Според КЗ на Р. Македонија, дете на возраст од 13 години не е деловно способно и не може да го разбере значењето на своите постапки, дури и ако самата сакала да го прави тоа. Што значи, според КЗ (член 188), станува збор за кривично дело – полов напад врз малолетник под 14 години. Инкриминирани се и доброволната и насилната обљуба врз малолетник кој не наполнил 14 години.

Може да се работи дури и за проституција, што повторно подразбира дека одговорност сносат вработените и институцијата. Казнениот закон  (член 192, став 1), познава: Подведување и овозможување на полови дејствија на малолетно лице.

И според двете теории, станува збор за кривично дело кое се гони по службена должност, а за кои санкцијата варира околу 10 години затворска казна. Затоа ги повикуваме надлежните органи да постапат според пропишаните правила.

Случајот лесно може да се заташка, бидејќи станува збор за девојче од ромска националност. „Експертите“ веќе почнаа од околу да кажуваат дека кај „нив“ тоа било „нормална“ појава, односно стапување во сексуални односи во рана возраст. Исто така, ако случајот не го преземе ЈО по службена должност, исто може да се заташка, бидејќи семејството нема доволно парични средства за да поднесе приватна тужба.

Овој настан, отвори многу наводно заборавени проблеми со кои се соочуваат граѓаните во оваа држава. Со помош на овој настан можеме да видиме колку е тешко во оваа држава да се биде сиромашен и припадник на најдискриминираната етничка група. До кога правдата селективно ќе биде применува? До кога припадниците на загрозените категории ќе бидат оставени сами на себе? До кога ќе се кријат ваквите патолошки појави од страна на надлежните? Дали ако не стануваше збор за дете од ромска националност институциите ќе рагираа? Дали ако беше силувано дете на државен функционер ќе се кажуваше дека детето било свесно за своите постапки?

Потребно е веднаш Министерството за труд и социјална политика да ги преиспита условите во домовите и вработените лица во истите. Потребно е директорот на домот за штитеници „25-ти Мај“ и старателот на девојчето да бидат кривично гонети, заедно со сите инволвирани во случајот- вработени во домот.

Непреземањето скоро на ништо од страна на надлежните институции и обидот да се скрие случајот, ни дава право да мислиме дека повторно сиромашните и граѓаните од ромска националност се подлежни на сите видови на дискриминација во оваа земја. Неискоренувањето на дискриминацијата нема да се создаде здраво општество, туку напротив, општеството ќе за удави во патолошките случаи кои само ги создава.

За жал, денес, дознаваме дека во истиот дом, бремени биле уште две девојчиња, од кои едната извршила абортус а другата не сакала. Агонијата во распаднатиот систем трае и секој ден се појавува со нови патолошки случаи.

Џејлан Велиу, член на президиумот на Левица

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ