Реакција за проблемот со снабдување на лекови од позитивната листа на ФЗОМ


По повод проблемот со снабдување на лекови од позитивната листа на ФЗОМ, важно е да се истакне следново.

  1. Површно е проблемот да се лоцира единствено во грижата на аптеките за својот профит, а недоволното водење грижа за здравствените потреби на граѓаните. Систем во кој носители на малопродажбата на лекови се приватни установи токму тоа го подразбира.  Некој да се жали на тоа, макар бил тој и директор на фондот за здравство, е исто како грижа за трло да му довери на волци, и потоа да се жали дека се лоши чувари. Факт дека во пазарот на лекови владее олигопол, па за многу аптеки надвор од олигополската структура калкулирањето со искористувањето на квотите не е некаква лукава итроштина за уште поголем профит, туку стратегија за преживување.
  2. Секако дека проблемот е во постоењето на квотите како такви. Но, проблемот со недостаок на лекови на товар на ФЗОМ открива и подлабоки аномалии на организацијата на здравствениот систем и би било грешка ако целата дискусија да се ограничи само на квотите без да се посочат и системските проблеми.
  •         Популизам во распределбата на средства за лекови на товар на ФЗО. Огромни износи се даваат за голем број на издадени рецепти за лекови со многу ниска референтна цена (често пати и помалку од 100 ден. месечна терапија).
  •         Политика на регистрирање нови лекови и ставање на лекови на позитивната листа  на ФЗО која повеќе се раководи од понудата на производителите на лекови отколку на потребите на здравствениот систем, за што меѓу многуте примери најиндикативно е постоењето огромен број на паралели
  •         Одлагањето на спроведувањето на одредбите на добрата аптекарска пракса
  •         Недоволната застапеност на магистралните препарати кои истовремено и се поевтини за пациентите, и се безбедни и е докажано ефикасни
  •         Индиферентноста на политиката на прометот со лекови спрема клучните стратешки цели на здравството на државно ниво (пример, ставање и на ОТЦ препарати на товар на ФЗО како противтежа на користењето на антибиотици, вклучување на добро организирана мрежа на психолошки советувалишта како противтежа на преголемата употреба на антидепресиви и анксиолиотици итн).

Треба да разбереме дека  приватната сопственост е тоа поради што здравството, како дејност од државен интерес, му се доверува на приватен сектор, чиј интерес е сосема некомпатибилен со првиов. Медицината и фармацијата се науки, па мора и здравството кое е само нивна практична операционализација да се раководи и организира според нив. Ако тоа неодговара со бизнис плановите на крупниот капитал, тогаш не треба да има дилема кој од нив треба да отстапи.    

Сподели ја веста: