Намалување на цената на лекови

Apoteka2

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Постојано слушајќи за најавеното намалување на цените на лековите, сигурно многумина граѓани беа непријатно изненадени кога за нивните лекови на товар на ФЗОМ пример за хиперплазија на простата или за повишен очен притисок, требаа да платат износи многукратно поголеми од досегашните.

Треба на сите да им биде јасно дека овој комплициран систем кој овозможува вакви „аномалии“ всушност нашите влади го создадоа само за да му излезат во пресрет на интересите на приватниот капитал. Имено, за да може да ги задоволат сите производители на лекови, претходната власт овозможи лекови од различни производители (и различна цена) со ист состав да можат да бидат на товар на Фондот. Притоа, беше фиксирана една цена (референтна цена) која ја покриваше Фондот за која се плаќаше партиципација. Доколку пациентот користи лек од производител со цена поголема од референтната, тој мораше да плати партиципација плус разликата помеѓу референтната цена и цената на лекот од производителот кој пациентот го користи. Често пати референтната цена беше многукратно помала од цената на чинење на најчесто користените фабрички лекови. Оттаму, и покрај имањето на здравствено осигурување, многу често сметките во аптеките на хроничните болни претставуваа значаен процент од нивниот вкупен приход.Apoteka2

Мора да е точна една од овие две тези: или лековите поради кои референтните цени се толку ниски што овозможуваат огромни доплати се неквалитетни, па затоа се преферираат лековите со доплата. Во тој случај, скандал е тоа што лекови кои се толку неефикасни што ги избегнуваат и лекарите и пациентите воопшто добиле одобрение за промет. Или пак, овие лекови се квалитетни и можат да ги задоволат здравствените потреби на пациентите но се промовираат поскапите лекови. Во тој случај, скандал е тоа што државата дозволила пациентите да плаќаат толку пари кога им се достапни поевтини, а сепак ефикасни и квалитетни лекови.

Поради тоа, јасно е дека во суштината на оваа „аномалија“ со цените на лековите на ФЗОМ се наоѓа неусогласеност меѓу интересите на капиталот и обичниот човек, во случајов пациентот. И задача на државата е да ги заштити истовремено:

1. Здравјето на пациентите како реакција на лековите со проблематичен квалитет (недоделување на дозвола за промет за неквалитетни лекови, строга, директна и перманентна контрола на сите лекови а не само бирократска процедура со некакви си сертификати за квалитет)

2. Финансиите на пациентите (поконкретно на сиромашните) од плаќањето огромни средства за потребните лекарства (тоа значи укинување на доплатата)

3 Финансиите на целата држава (да не дозволи здравјето на пациентите да стане заложник на волчјата ќуд на големите фармацевтски корпорации и нив да им дава огромни проценти од националниот доход. Добар пример за тоа е случајот со набавката на огромни количини од вакцината Тамифлу.

Промена на процедурата на паралелен увоз

Левицата во Македонија одамна предупредуваше на здравствените ризици кои ги содржеа законските решенија за паралелниот увоз на лекови. Во таа смисла, за поздрав е секој обид да се доведе во ред оваа рак – рана на целокупниот промет на лекови во нашата држава.

Но, како по обичај, мора да се предупреди на можноста една власт – агент на интересите на капиталот да се ограничи на појавата и да ги занемари суштинските проблеми кои ги предизвикуваат сите потреси на површината.

Во случајов, опасноста се состои во тоа под изговор на заштита на квалитетот власта да ги остави државата и пациентите во заложништво на големите фармацевтски куќи.

Со други зборови, не е проблемот единствено во тоа што се увезувале лекови со спорна и недокажана ефикасност.

1. Доколку функционирал системот за контрола како што треба, тие и такви паралелно увезени лекови веднаш ќе се идентификувале и ќе го спречеле нивниот промет и загрозувањето на здравјето на пациентите. Затоа, не е доволно да се видоизмени процедурата за паралелен увоз, па ни сосема да се укине. Мора контролата на квалитетот да биде постојана, но и независна од приватниот производен сектор (Државна лабораторија специјално наменета за контрола на квалитетот на лековите). Исто така, постоењето на државна веледрогерија би овозможила далеку поефикасна и полесна контрола на квалитетот.

2.Евиденцијата за потрошувачката и со тоа и безбедноста на лековите е клучна за конципирањето на приоритетите и насоките на секоја политика во однос на прометот на лекови (и тоа од сите категории, а не само лекови на лекарски рецепт). Еден интегриран систем на податоци за сите нивоа на здравствената заштита би овозможил, од една страна, полесно набавката на лекови да оди во пресрет на барањата на пациентите, и од друга страна полесно спречување (и разоткривање) на сите можни злоупотреби. И во овој случај, како пречка се јавува приватната сопственост (повеќе различни софтвери за различни здравсвени установи и институции). Во спротивно е тешко да се утврди дали, да речеме, некој несакан ефект се должи на самиот лек или на некоја несоодветна комбинација со некој друг лек или лековито средство за кое никој од здравствените работници не знае дека пациентот го прима и никаде не фигурира во здравствената евиденција).

Значи, за соодветно снабдување на пациентите со квалитетни лекови не е доволно само да се промени процедурата за паралелен увоз на лекови. Потребна е сеопфатна евиденција на целиот промет со лекови, користење на тие податоци за да се детектираат клучните потреби на населението во однос на потрошувачката на лекови, државна веледрогерија за да може да се излезе во пресрет на тие потреби без попречувања од комерцијалните интереси на приватниот сектор, и конечно независен систем за контрола на лековите кој ќе спречува да се регистрираат лекови со проблематична ефикасност и ќе биде гаранција дека веќе регистрираните ќе го одржуваат нивото на квалитет.

Здравствен Сектор
3.IV.2018

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ