И со новата влада продолжува реализацијата на спорните проекти во националниот парк Маврово

levica

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

 

Продолжувањето на спорната изградба на хидроелектраните во НП Маврово, проект на претходната владејачка гарнитура кој беше бурно оспоруван од бројни домашни и меѓународни организации и еколози, е евидентен доказ за беспрекорното функционирање на спрегата власт – крупен капитал во последните три децении во нашата држава, без разлика која партија го освоила парламентарното мнозинство. Наместо да ги раскине договорите за четирите хидроелектрани во Маврово, чиј рок за градба истекува во јули 2018 година, Владата на СДСМ спротивно на препораките на Бернската конвенција им даде дополнителен рок за реализација. Во 2011-та година, тогашниот министерот за економија Ваљон Сарачини потпиша дваесет и еден договор за издавање под концесиии за мали хидроелектрични централи со десет компании, при што како најголем инвеститор во овој сектор се јавува токму фирмата на актуелниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев.

download

Реализирањето на овие проекти е финансирано од меѓународните банки и вакви спорни хидроелектрани се предвидени во цела Југоисточна Европа, при што изградбата на огромен дел е во заштитени подрачја. Локалното население во овие држави (вклучително и соседна Албанија и Србија) често пати доаѓаше во судир со полицијатата и жестоко протестираше против уништувањето и неефикасното експлоатирање на природните ресурси заради остварување лични интереси на приватни концесионери.

 

Со оглед на фактот дека Маврово има статус на национален парк и како таков подлежи на посебен вид на заштита, фрапантен е податокот дека овие концесии биле издадени со нецелосни еколошки дозволи и без да се изготви детална научна анализа за нивното влијание врз екосистемот и заштитениот жив свет (токму Маврово е дом на Балканскиот рис кој се наоѓа на црвената листа на IUCN како критично загрозен вид). Последиците од дел од реализираните проекти се веќе видливи и катастрофални за биодиверзитетот и локалното население кое егзистира од природните ресурси: уништени речни еко системи, пресушување на речни корита и блокирање на рибни патеки.

Ваквиот деструктивен начин на реализација на овие проекти беше оспоруван и од Постојниот Комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа (чиј потписник е и нашата држава) кој побара сите владини проекти во рамки на територијата на НП Маврово да бидат суспендирани се додека не се подготви Стратешка оценка за влијанието врз животната средина, ставајќи посебен акцент на кумулативните ефекти на сите планирани инфраструктурни проекти и активности на територија на паркот, како и долгорочните ефекти на водните режими на реките Дрим и Вардар.

И покрај тоа што владата на СДСМ ги усвои препораките на Бернската Конвенција и се обврза да изготви Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, продолжувањето на рокот за изградба на четири хидроелектрани во услови кога не е научно потврдено влијанието на овие проекти врз животната средина, укажува на тоа дека оваа влада се грижи единствено да не ги наруши бизнис – интересите на своите функционери. Природното богатство е јавно добро и како такво не смее да биде предмет за раскусурување на ситни партиски договори и генерирање мегаломански суми на профити за неколку поединци, при што последиците од ваквите деструктивни проекти се долгорочни и ненадоместливи. Приватизирањето на јавните добра, макар било и привремено преку издавање на концесии, ги спротивставува интересите на профитот и животната средина, а не на добробитот на човекот и животната средина. Кога ваквите проекти се оставени во рацете на капиталистите, во име на профитот патат луѓето, животните и природата. Сите енергетски објекти, како што се овие хидроцентрали, е потребно да бидат изградени и поседувани од државата.

Ова агресивно настојување на Владата за реализација на овие проекти без соодветна документација и експертиза потврдува дека нејзините одлуки се мотивирани исклучиво за задоволување на тесните бизнис интереси, особено ако се има во предвид мислењето на дел од јавноста дека добиените количини енергија не би смениле ништо сериозно во однос на потребите на енергетскиот систем на земјата, но дека се значајни за тие што ги произведуваат, бидејќи за нив значат сериозни приходи и профити. Очигледно е дека и новата власт продолжува со практиките на нејзините претходници за реализирање еколошки деструктивни проекти со долгорочни последици врз природните богаства, со единствена цел генерирање огромни суми на финансиска корист во рацете на малкумина.

 

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ