Партиски став на Президиумот на Левица (19.07.2018)


Македонија се наоѓа пред жешко политичко лето. Премирот Зоран Заев најпрво најави обврзувачки референдум за промена на уставното име со цел влез во НАТО, во периодот крај на септември, почеток на октомври. Владата организираше и прослава за т.н „покана“ за влез во НАТО, прослава која беше бојкотирана од народот. Ден после дебаклот на овој т.н НАТО-фест, премиерот Заев и високи претставници на власта предводена од СДСМ и ДУИ, ретерираа од првичниот став за задолжителниот и обврзувачки карактер на референдумот, и стравувајќи од најавениот народен бојкот, сега пуштаат пробни балони, најавуваќи дека референдумот ќе биде консултативен!?

Во меѓувреме, владејачкото мнозинство, скандалозно се обидува да ги протурка измените во Изборниот законик, гарантирајќи му на двоецот СДСМ-ДУИ по свој терк да ја формира Државната изборна комисија, што отвора оправдан сомнеж во регуларноста на целиот гласачки процес за престојниот референдум.

За власта, протуркувањето на штетниот т.н. Преспански договор е приоритет број еден! За тоа потребен е цензус од најмалку 900.000 избирачи, за чие обезбедување власта е спремна противзаконито да одржи и вонредни парламентарни избори на истиот ден, а сѐ со цел лукаво да се извлечат гласачите од своите домови.

Левица ја иницираше и ја предводи единствената здраворазумска кампања за бојкот на референдумот! Во таа насока, во периодот кој ни претстои, ќе извршиме пошироки нужни консултации со сите релевантни политички фактори во Републиката кои не се согласуваат со начинот на кој оваа Влада ја води државата и ќе ги покренеме сите правни и политички механизми против имплементирањето на Преспанскиот договор. Убедени сме дека левичарскиот глас на разумот ова лето ќе стигне до секој еден граѓанин.

Борбата продолжува!

Со нови сили, на различни фронтови.

Президиум на Левица

Скопје, 19.VII.2018

Сподели ја веста: