Македонија, без додавки: зошто мора да се спротиставиме на Договорот Ципрас – Заев


Вовед

 

Договорот Ципрас – Заев за Македонија кој имплицира, по инсистирање од грчката страна, дека Македонците мора да ја нарекуваат својата земја „Северна Македонија”, наместо едноставно, „Македонија” доби поддршка од некои високоценети имиња од левичарските кругови. Во јули, либералниот британски весник „Гардијан” објави писмо за поддршка на договорот потпишано од страна на плејада на лево наклонети интелектуалци меѓу кои и Етјен Балибар, Џудит Батлер, Костас Дузинас и Жан – Лик Нанси.

 

Писмото не само што изразува подршка за договорот, туку и изобилува со пофалби за многуте наводни квалитети – за почитување на „достоинството и правото на самоопределување” на грчките и на македонските народи, за „решавање” на спорот стар една четвртина век и за обезбедување на Македонците со „суштинскиот чекор и ветување за почеток на пристапните преговори за НАТО и за ЕУ”. Се чини дека Ципрас и Заев не погрешија.

 

Се разбира, одлуката на истакнатите потписници на писмото да се поврзат со аргументите што инаку би можеле да се деконструираат беше разочарувачки. Но, во финалната анализа, аргументите мора да се проценат според нивнита вредност, а не според нивната репутацијата. Затоа да ги разгледаме аргументите на потписниците на писмото и на другите левичари – подржувачи на Спогодбата.

 

Што има во името? Левица која е за договорот и македонското право на самоопределување

 

Од сите тврдења во писмото на Гардијан наjпровокативно е тврдењето дека договорот „ги почитува“ македонското достоинство и правото на самоопределување. Ова е провокативно едноставно затоа што договорот всушност го прави спротивното, го прекршува правото на самоопределување преку самото тоа што за името на Македонија ќе одлучи посилен сосед.

 

Еден одговор од левицата која го поддржува Договорот, за овој фундаментален приговор е дека оспорување на правото на Македонците да го одредат името на нивната земја… не е толку значајно! Или барем, не е толку значајно колку што е признавањето на Договорот дека Македонците – иако им е забрането својата земја да ја нарекуваат „Македонија” – ќе им биде грациозно дозволено себеси да се нарекуваат „Македонци / граѓани на Република Северна Македонија” и нивниот јазик „македонски”.

 

Сепак, ова е површен одговор. Бидејќи ако водечкото начело е тука, како што постојано ни е кажано, правото на самоопределување со сигурност опфаќа дека треба да се има можност самостојно да се одреди, не само името како граѓани или името на јазикот што го зборувате туку, најважно, името на државата во која живеете. Овие работи претставуваат пакет и – ако правото на самоопределување е виситински почитувано – не може да се распакува во дискретни елементи, за да бидат селективно поништени и потоа распределени од опортунистички политички причини.

 

Писмото на Гардијан исто така го пофали Договорот во делот за појаснувањето дека „македонскиот идентитет може да биде споделен меѓу луѓето кои на истиот му даваат различни значења”. Што би можело да звучи поразумно? И сепак името на Македонија –  клучниот маркер на идентитетот без сомнение – во својата едноставна, неквалификувана форма сепак, не може да се дели. Всушност, Грција отсекогаш одбивала да го дели името на својата провинција Македонија со соседната држава Македонија на начин како што Белгија, на пример, го дели името на својата провинција  Луксембург со соседната држава Луксембург, односно, без географски квалификатори. Наспроти тоа, против нејзина волја, Македонија мора да додаде „Северна“ на своето име.

 

За овој проблем, левицата која го поддржува Договорот тврди дека додавката „Северна“ на Македонија е само – и токму поради тоа неконтроверзен – начин за подобра географска и историска прецизност за територијата на која е создадена денешната македонска држава.

 

Ова е исто така површно, ако не и лажно. Името на државата не е, се разбира, само прашање од географски или историски аспект (што во случајот на Македонија долго време се воспоставени меѓународно признаени граници). Суштински, тоа е исто така политичко прашање, бидејќи проблемот кој настанува тука тука е односот на жителите на државата кон земјата која тие ја нарекуваат за своја. Следствено, одлучувањето за името на државата надворешно, а не внатрешно, ја нарушува мнозинската волја на населението.     

 

Како одговор на ова, некои несомнено ќе бидат наклонети претстојниот референдум на 30 септември да го прикажат како потенцијален доказ за волјата на мнозинството изразена преку јавно достапната форма. Тие ќе кажат дека резултатот ќе даде цврст и дефиниран одговор… па само почекајте и видете.

 

Сепак, ова е исто така површно. Македонците ќе се соочат со референдумско прашање кое е грубо тенденциозно – „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“ – и безобразно двосмислено, исклучувајќи ја експлицитната референца за непопуларниот предлог за ново име на државата со цел да се избегне тоа што Македонците најмногу го сакаат – да си ја викаат својата држава Македонија.

 

Кога ќе се сумира претходно кажаното, овие аргументи конзистентно се површни поради тоа што со нив се избегнува клучниот проблем. Договорот помеѓу Ципрас и Заев го негира основото демократско право на Македонците, правото на самоопределување или правото да одлучат како ќе им се вика сопствената држава, право што е елементарен дел од поопштото право на самоопределување. Во реалност, може да се каже дека политичкото право на нациите да се викаат како што сакаат е елементарно исто колку личното право на родителите да им даваат имиња на своите деца.

 

Со оглед на ова, провокативниот заклучок во писмото на Гардијан – дека договорот дефинитивно го „решава“ долгогодишниот спор со името – е празен. Со негирањето на правото на Македонците да одлучат за името на нивната држава, договорот само го продолжува стариот спор, но во нова форма.

 

Американскиот империјализам и договорот помеѓу Ципрас и Заев

 

На Балканот политичките прашања имаат лоша, но моментално тешко спречлива навика рапидно да еволуираат во геополитички прашања. Причината за ова не е тешко да се лоцира. Регионот е составен од взаемно антагонистички држави кои се лесен плен за империјализмот, конкретно во последниве години за американскиот, се разбира. Македонското прашање, односно прашањето за името не останува изземено тука.

 

Откако заврши Студената војна, агресивната експанзија на НАТО и Европската Унија во Источна Европа и на Балканот беше главната стратегија на САД и неговите европски сојузници.

 

Настрана од опозицијата која се уште се развиваше, во и онака ослабената Русија, некои од најнеподносливите пречки на сеопфатниот успех на оваа стратегија беа лоцирани токму на Балканот, каде одредени земји сè уште беа на патот кон приклучување кон НАТО и Европската Унија. Овие пречки се покажаа кобни за Србија, која беше бомбардирана од НАТО во 1999 година, исто како и за месното српско население во соседните држави. Но, другата клучна пречка беше Македонија, или поконкретно грчкото вето што и беше поставено, оневозможувајќи го нејзиното приклучување кон НАТО и Европската Унија поради спорот со името.

 

Некое време, оваа стратегија за експанзија на Балканот предводена од САД беше стопирана, но ургентно се реактивира во 2014 година поради руската окупација на Крим како одговор на одлуката на Украина од неутрална да се насочи кон Запад, одлука која беше поддржана од Вашингтон.

 

До 2015 година, Џон Кери, државниот секретар на Обама, предупредуваше за застрашувачките намери на Русија на Балканот – „Србија, Косово, Црна Гора, Македонија и други места,“ тој изјави, „тие заедно се огнената линија“ – предупредувања кои непланирано и во целост беа преплавени во иронија, рефлектирачка на себеси. Подоцна во истата година, Црна Гора официјално беше поканета во НАТО, која се придружи во 2017 година и покрај многуте негодувања.

 

Вниманието сега можеше да се насочи кон Македонија, особено откако прозападните социјал-демократи на Заев ја презедоја власта во 2017 година конзервативната и проруски настроената ВМРО на Груевски. Со Грција клекната на колена пред ЕУ, сцената беше поставена за договор за името што ќе го поплочи патот на Македонија за влез во НАТО и ЕУ, со тврдења дека успешното интегрирање на Македонија би можело да биде значаен чекор за САД да може да завладее и со останатиот дел на Балканот. Како пример може да се земе оваа статија од американскиот магазин „Foreign Policy” насловен како „Алексис Ципрас заслужува Нобелова Награда за мир“ (веројатно за да помогне во вовлекувањето на Македонија во моќната воена машина на НАТО).

 

„Договорот Ципрас – Заев најавува напредок и за Босна, со  што може конечно да стигне до претпоследната фаза за членство во НАТО што би ги спречило сите планови за поделба на државата… Со оживување на НАТО и ЕУ на Балканот, најголемата држава во регионот, Србија, конечно ќе може да го отфрли сојузништвото со Русија и дефинитивно да го избере Западот за сојузник.“

 

Левицата која го поддржува Договорот и империјалистичките геополитики

 

Левицата која е за овој договор реагира на два различни начини на империјалистичките геополитики за македонското прашање.

 

Првата реакција може јасно да се види во писмото на Гардијан, каде што еден од пофалните атрибути на Договорот е „суштински” – дека на Македонија ќе и биде ветено членство во НАТО и во ЕУ. Ова всушност претставува позицијата на Ципрас-Заев: Балканските социјалдемократи во служба на американскиот империјализам и европскиот капитал.

 

Втората реакција од левицата која е за Договорот зазема поинаков пристап само за да дојде до истиот резултат. Тука логиката е да се оспорува дека империјализмот е случаен, или само случаен со Договорот, кој поради тоа може да биде апстрахиран или одделен од своето геополитичко значење. На овој начин, Договорот се претвора во едноставен грчко – македонски договор, односно во таков што „решава” долготраен локален спор и за кој потоа можат да се признааат наводно прогресивни достигнувања.

 

Сепак овој пристап брзо ги заплеткува своите промотори во противречности. Едниот пристап, на пример, признава дека меѓународната левица мора да и се спротистави на воената експанзија, но во следниот здив инсистира дека сите прогресивни сили мора да го поддржат Договорот… кој всушност ќе ја отвори вратата за воената експанзија на НАТО во Македонија и понатаму на Балканот. Навистина, на НАТО им требаше помалку од еден месец од церемонијалното потпишување на договорот во Преспа за формално да ја покани Македонија да се приклучи на Алијансата.

 

Сите овие обиди за одделување на Договорот од своето империјалистичко геополитичко значење се осудени на пропаст, бидејќи реалноста е секогаш многу посилна од слепото верување. И тука, во реалноста, е кристално јасно дека спорот за името беше „решено” токму за да се оствари империјалната евро-атланска интеграција на Македонија

 

Токму поради тоа референдумското прашање е брутално геополитичко – „Дали го поддржувате членството во ЕУ и НАТО со прифаќање на договоротпомеѓу Македонија и Грција?“. Исто така, изминатиот месец претседателот Трамп изјави дека „историскиот Преспански договор го решава долгогодишното прашање за името и го отвара патот за членство на Македонија во НАТО и Европската Унија”, изјава која беше проследена со посета на неговиот секретар за одбрана, Џејмс Матис. И затоа германската канцеларка, Ангела Меркел, ја направи својата прва официјална посета во Македонија овој месец, многу брзо по посетата на австрискиот канцелар, Себастијан Курц, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

 

Со оглед на сево ова, дали е воопшто веродостојно или разумно да се оцени договорот Ципрас-Заев преку отстранување на неговата империјалистичка геополитика?

 

Заклучок

 

И покрај силната реторика за правото на Македонија на самоопределување, реалноста е сосема поинаква. Македонците нема да можат да го одредат името на својата земја, додека нивното членство во НАТО ќе ги принуди да издвојуваат 2% од бруто домашниот производ за воена алијанса во која нивниот глас нема да се слуша и нивните интереси нема да се застапуваат. Со ова, проруските македонски националисти добиваат можност за силно пропагандно делување. Истото се однесува и кога станува збор за членството во ЕУ – каква можност ќе имаат Македонците за одредување на економска политика која би била во согласност со нивните потреби, во ситуација кога преку нивната граница, Грците ги чувствуваат последиците од осиромашувачкиот ЕУ диктат.

 

Македонската партија од левиот спектар, Левица, стана предводник на отпорот против Договорот. Партијата се залага за бојкотирање на референдумот на 30 септември со намера истиот да пропадне, имајќи го во предвид фактот дека е потребен одзив од минимум 50% од електоратот за да бидат валидни резултатите. Левица се спротивставува на членството во НАТО и се залага за Балканска федерација. Таа е мала организација со ограничено влијание, но со еден принципиелен став којшто е многу значаен и ќе им ја подобри позицијата во годините што следуваат, без разлика на резултатите од референдумот. Меѓународната левица треба да направи се што е во нејзина моќ со цел да изрази солидарност со Левица во наредните денови.

 

Автор на текстот е Драган Плавшиќ, член на организацијата Маркс21.

Текстот е преведен од LeftEast.

Сподели ја веста: