Главниот виновник за загадениот воздух е корумпираното владеење на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ


Решавањето на енормното загадување на воздухот мора да биде врвен приоритет на секоја власт, со оглед на тоа што статистиките потврдија дека во Скопје секој четврти смртен случај е директна последица на загадениот воздух. Корумпираноста и неспобноста на власта и институциите не ја чини државата само милионски трошоци за лекување на здравствените проблеми, туку уште пострашно, ја чини и изгубени човечки животи.

Ваквиот проблем не е наследен само од претходната власт, како што актуелната влада тврди, обидувајќи се да избегне одговорност, туку е резултат на катастрофалните економски политики  водени во корист на профитот на моќните финансиски елити. Крајниот резултат од ваквите економски политики, кои во луѓето и природата гледаат само потенцијал за акумулирање на богатство и со децении ги имплементираат двете најголеми политички партии, се деградираните работнички права, огромната класна раслоеност и уништената животна средина.

Наместо новата влада предводена од СДСМ справувањето со најзагадениот воздух во Европа да го постави како главен приоритет и да понуди системско и долготрајно решение за истиот, таа ги продолжи деструктивните градежни и индустриски проекти на претходната гарнитура, проекти чиј единствен добробит оди во џебот на мал број моќници, кои евидентно профитираат од секоја политичка партија која е на власт. Проблемот со загадениот воздух е директно предизвикан од спрегата градежна мафија/ тешка индустрија со власта, а тоа го дозволува неправедно поставените односи во системот каде токму најголемите профитери од градежната експанзија се јавуваат како најголеми финансиери на двете политички партии.

Од тука станува јасно зошто партии финансирани од капиталот кои немаат никаква идеолошка база, како што се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, одбиваат да ги спречат многубројните еколошки деструктивни проекти, и покрај се поголемиот притисок кој доаѓа од граѓаните. Повикувањето на правни процедури од оние кои досега континуирано го деградираат владеењето на правото или изговорите за милионски штети од оние чие главно обележје на владеењето се милионските скандали за корупција, претставува потценување на разумот и свеста на обичниот граѓанин. Станува јасно дека главната причина за неспречувањето на криминалните проекти од претходната власт не е во немањето правни маневри, туку во фактот дека СДСМ како партија составена од газди – милионери е поставена на таа позиција за да ги реализира истите проекти од кои профитираат мал број поединци, а на штета на мнозинството граѓани.

Затоа краткорочните популистички мерки со кои владата се обидува да манифестира решителност за справување со проблемот, како што е субвенционирањето на електрични тротинети и бесплатниот јавен превоз, скоро и да немаат никаков импакт врз неговото решавање. Дури и заменик – министерот Јани Макрадули се обиде да манипулира со јавноста со изјавата дека 90 проценти од загадувањето доаѓа од домаќинствата кои се греат на дрва, со цел одговорноста да биде прелоцирана од најголемиот загадувач, тешката индустрија.

Ако го имаме во предвид добро познатиот факт дека загаденоста во Скопје беше на огромно ниво и за време на летниот период, како и статистиките кои потврдуваат дека помалку од 50 проценти од загадувањето доаѓа од домаќинствата, станува јасно дека ни оваа влада, по примерот на претходната, нема политичка волја да имплементира базични еколошки мерки и политики спрема големите индустриски гиганти, од кои дури половина користат кокс како енергенс кој важи за голем загадувач и чии акцизи за увоз беа укинати токму од сегашната влада. Бирократизираноста на Министерството за животна средина, нефункционалните инспекторати, минималните казни за големите индустриски загадувачи, корумпираниот правосуден систем, нетранспарентноста при носењето на проектите, како и децениското водење политика на „профитот пред колективниот интерес” претставуваат главна причина за дивеењето на градежната мафија и индустриските гиганти, чиј краен резултат се изгубени човечки животи.

Затоа потребно е одговорноста за овие деструктивни и погубни политики да биде насочена кон вистинските причинители, а тоа не се семејствата кои користат дрво за затоплување или неколку изолирани случаи на палење отпад од сиромашните маргинализирани групи, туку во корумпираните политички и економски елити чиј единствен интерес е остварување на максимален профит, дури и по цена на животот на обичниот граѓанин.

Сподели ја веста: