Реакција – Детска кардиохирургија


 

Денес во отсуство на дебата ја видовме вистинската цел на оваа Влада, а тоа е комплетна приватизација на здравството преку градење на јавно-приватни партнерства со приватни поединци кои вршат здравствена дејност. Министерот за здравство во одржаната прес-конференција јасно потенцираше дека „границата помеѓу јавното и приватното здравство мора да се избриши…“ Детска кардиохирургија се сели во „Филип Втори“ бидејќи немало просторни можности за мултидисциплинарна интеграција во рамки на Клинички центар. Но ние забораваме дека „Филип Втори“ функционираше пред повеќе од десет години во рамки на „8-ми Септември“ во адаптиран простор, а таа е јавна здравствена установа! Оттука може да заклучиме дека во овој случај отсуствува политичка волја за да се зачува јавното здравство и затоа е полесно да се растури даден тим во ЈЗУ и дел од медицинскиот кадар да се пресели во приватната здравствена установа отколку да се најде друго долгорочно решение!

 

Овој акт единствено може да го гледаме како класична интервенција и подривање на јавното здравство врз кое треба да се гледа како на една цивилизациска придобивка! Министерот за здравство изјави и дека овој модел на јавно-приватни партнерства би се применил (во случајот со Брза помош) доколку анализата која ја нарачаа покаже дека тој модел е подобар отколку јасна поделба помеѓу јавното и приватното здравство, па иако до денес таква анализа не е објавена јавно и транспарентно тие сепак донесоа ваква одлука. Од прес – конференцијата која беше емитувана јавно, јасно можеше да се види конфузијата при елаборирање на мерката и голем број на новинарски прашања кои се однесуваа на оваа проблематиа беа вешто избегнати. Приватното здравство не може природно да се подреди под јавниот интерес бидејќи движечка сила на истото како и во секоја друга „гранка“ во капитализам е профитот.

 

Едукацијата на колегите треба да биде императив во здравството. Сегашната практика на создавање на приватни високоспецијализирани центри (со ресурси, посебно човечки кадар кој потекнува од јавното здравство) за дадена проблематика води кон централизација на знаењето и праксата во персонал кој често потпишува тајни договори со менаџментот на приватните здравствени единици и кој на долг рок би создал спрега на: продукција на медицински кадар во ЈЗУ – одлевање во приватно здравство – немање на можност за реедукација на помладите колеги во ЈЗУ.

 

Оваа пракса мора да запре! Да го зачуваме јавното здравство додека не е доцна!

 

Здравствен сектор – Левица

 

 

 

Сподели ја веста: