Граѓаните на Куманово нема да го плаќаат лошото работење на општината


Во пресрет на најавеното јавно-приватно партнерство, односно давање под концесија на јавното осветлување во општината на приватен „инвеститор“ од страна на „Куманово паркинг“, како и најавите за можна приватна докапитализација на ЈП „Куманово-гас“, се чуствуваме должни да ги информираме граѓаните на Куманово за штетноста на овие постапки по долгорочното добро на општината и самите граѓани.

Давањето под концесија, докапитализацијата или пак приватизацијата на Јавните претпријатија и јавните служби коишто треба да ги извршува општината се коси со самата смисла на нивното постоење – јавните служби се вршат врз основа на принципот на јавен интерес а никако на профитабилност. Затоа, наместо да приватизира, бараме општината и јавните претпријатија да се професионализираат, департизираат со што следствено ќе станат и поефикасни во работењето и ќе ги намалат огромните загуби.

Приватните инвеститори имаат единствена цел, а тоа е остварување на профит, што значи дека квалитетот на услугите, колку и да е лош сега, или ќе биде уште послаб или цената која ќе ја плаќаат кумановци ќе биде многу повисока. Штетноста од приватизацијата т.е. докапитализацијата е уште поголема во однос на ЈП Куманово-гас, кое со народните пари ги изгради примарната и голем дел од секундарната, дистрибутивна мрежа, и кое претпријатие по природа на нештата е монопол. Најавената негова „докапитализација“ (читај приватизација или давање под концесија) ќе претставува всушност давање на подарок на приватниот инвеститор, кој со мала инвестиција ќе го „собере кајмакот“ од веќе завршената инвестиција која ја платиле граѓаните на Куманово.

Власта, секако, ги правда ваквите идеи со аргументација дека јавните претпријатија се неефикасни, работат со загуба и се презадолжени, исто како што е и самата општина, а дека приватните компании се поефикасни во менаџирањето. Но ова не е никакво оправдување, ова е само одраз на неспособната власт, бидејќи тие самите владеат 30 години без престан во Куманово и со своето „успешно“ владеење ја  доведоа општината и јавните претпријатија до ова дереџе (превработени,  целосно партизирани и неефикасни), а со ова дополнително ја признаваат и потврдуваат сопствената неспособност да управуваат, гледајќи го излезот од наталожените проблеми во приватизации, докапитализации и издавање на концесии. Со ова, всушност, се обидуваат да избегаат од одговорноста за сопствената неспособност а цехот повторно да го платат граѓаните на Куманово.

Кумановки и кумановци ова не смее да помине!

Иако нема пари за вршење на јавните служби, сепак општината од година во година има нови запослувања (таква е состојбата и во јавните претпријатија), па такав 2012 година -24, во 2013 година 5, 2015 година -22, во 2016 година -9 и во 2017 година -22 само привремени вработувања, дополнително оптоварувајќи ги Кумановци, кои и онака веќе ја плаќаат партиската армија во општината.

ЛО Куманово
25.XII.2018

Сподели ја веста: