Став за задолжителната вакцинација


Вакцините се медицинска и општествена придобивка и нивниот историски бенефит не може никако да се побие! Ние како здравствени работници апелираме сите родители да ги вакцинираат нивните деца!

Сепак сомнежот кој се јавува кај родителите кој кулминира со антивакцинални кампањи се должи на недоволната контрола на лековите и можноста да се увезуваат лекови со сомнителен квалитет. Иако во јавноста имаше вакви информации за жал ниеден случај досега не доживеа разврска и граѓаните не беа транспарентно известени за криминалот од кој некои профитирале буквално на нивното здравје и доверба во здравствениот систем. За ова граѓаните имаат право, но и обврска да бараат одговори од властите!

Аутизмот кој се користи како главен аргумент во антивакциналните кампањи не познава причинител – вакцина/вакцинација. Причинителите се поделени на надворешни и внатрешни, а како пример од надворешните се изложување на лекови, изложеност на високи концентрации на тешки метали, прекумерна употреба на инсектициди, крајни продукти од мотори со внатрешно согорување итн. Сите овие фактори се пропратни елементи на современото живеење, а се засилени од огромната дерегулација која има за цел да создаде заштеди во производството/потрошувачката во капитализмот.

Во моментов најголеми непријатели на родителите се рудниците со отворен коп, непланската урбанизација/узурпација на јавните простори (паркови, зеленила и сл) на сметка на профитот на урбаната мафија, криминалните тендери за набавка на лекови и ниската контрола на истите, увозот на стари возила кои не усполнуваат еколошки стандарди, користење на фосилни горива и некористење на потенцијалот на државата за обновливи извори на енергија итн. Вакцините не се непријател!