СДСМ и ДУИ да одговорат кој е партискиот службеник што ги нападна новинарите од ТВ21


Скандалозниот напад врз новинарската екипа од ТВ21 во Арачиново е експлицитен пример дека и со промената на власта, продолжува самоволието и насилството на заштитените партиски членови, кои постојано се амнестираат од секоја владејачка гарнитура. Новинарите кои известувале за секојдневните проблеми на граѓаните во Арачиново, како немањето канализација и водоводен систем и покрај предизборните ветувања, беа брутално спречени во вршењето на својата работа од страна на неколку партиски насилници, за кои како што самите изјавуваат, не постои закони и право.

Во општината каде победи кандидатот на СДСМ, Миликије Халими, очигледно е дека граѓаните не смеат да се пожалат на секојдневните проблеми со кои се соочуваат, за што сведочи насилството и заканите врз новинарите и нивното затворање во просториите на општината. Јасно е дека ваквото агресивно однесување на партиските членови е поддржано од владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ, која континуирано ги штити и толерира насилничките однесувања со кои се тероризираат обичните граѓани. Не е доволна осудата на градоначалничката на општина Арачиново, со оглед на тоа што еден од напаѓачите е висок партиски службеник.

Ова претставува скандал за демократијата и јавноста мора да знае кој партиски службеник на владејачката коалиција се заканувал на новинарите да ги избришат снимките од жалбите и поплаките на граѓаните. МВР и министерот Оливер Спасовски мора итно да одговорат какви мерки се преземени против напаѓачите и дали воопшто ќе бидат санкционирани ваквите насилнички однесувања. Недозволиво е обичните граѓани континуирано да бидат малтретирани од привилегираните заштитени партиски насилници на СДСМ и ДУИ.

Президиум на Левица

Социјални мрежи:
error0