Уште едно решение за отстранување на градба на струшкото крајбрежје


По поднесенето барање за инспекциски увид врз градежни активности од локални функционери на Охридското езеро, пристигна одговорот од овластениот градежен инспектор на општина Струга. Ова е веќе второ решение за отстранување на градба по барање на политичката партија Левица за градежното дивеење кое интензивно се случува на Охридското езеро. Личните и лукративни интереси на владејачкиот естаблишмент имаат погубни последици за нашето природно богатство, за што говори и заклучокот на УНЕСКО со кој Охридското езеро е прогласено за загрозено светско културно наследство.

Очигледно е дека приоритет на оваа власт е штитење на градежната мафија и урбанистичкото дивеење, за што сведочат бројните дивоградби во овој регион кои и понатаму се градат, покрај донесените решенија за отстранување на градби. Јасно е дека една владејачка бизнис-ориентирана коалиција, предводена од интересите на капиталот, континуирано ги штити своите локални функционери и корумпирани бизнисмени кои незаконски и на штета на националните интереси го девастираа едно од нашите најголеми природни богатства. Покрај силниот јавен и институционален притисок за заштита на јавните добра и животната средина, Владата нема слух за потребите на обичните граѓани и продолжува да го уништува она што граѓаните заеднички го чувале и создавале со децении, само заради профитот на поединци блиски до власта. 

Во сите сфери на живеењето системски се деградирани јавните добра и претворени во приватен бизнис 
на мал број привилегирани. Длабоко заглавени во корупција, скандали, самоволие на бизнис-интереси и неспособност, оваа Влада предводена од СДСМ која секој ден се повикува на европскиот прогрес, мора да понесе одговорност за уништувањето и разграбувањето на нашите природни и општествени добра заради сопствените тесно-партиски и лични интереси.