Владата под диктат на НАТО злоупотребува деца во својата пропаганда


Изминатиов период Владата на СДСМ, силно поддржана од меѓународната заедница во нејзината надворешна политика, ги користи сите перфидни методи за изградба на сервилност и потчинетост на македонскиот народ против деструктивните политики на НАТО-сојузот.

Процесот кој започна со негирање на основното право на самоопределување и ревидирање на антифашистичкото минато, сега продолжува со демонстрација на воени паради низ државата поддржани од војниците на НАТО. Од оваа агресивна пропаганда не се поштедени ниту најранливите категории подложни за манипулација, односно децата.

Експлоататорските политики на воениот агресор НАТО не може да бидат минимизирани преку воени паради на кои деца се залажуваат со жонглери и балони. Бруталното минато на злосторничкиот пакт кое се состои од уништување помали народи и бомбардирањето деца и цивили не може да биде избришано од колективната меморија на овој народ, без разлика на скапата пропагандата која се обидува НАТО да го прикаже како “спасител на народите”.

Хипокризијата на новата влада и меѓународните фондации не познаваат граници, па дури се финансираат проекти во основни училишта каде децата објаснуваат за што се залага НАТО-пактот или се објавуваат конкурси со наслов „НАТО и јас” од Министерството за одбрана На овој начин, децата се изложуваат на брутална манипулација, при што добиваат искривена слика за вистинските цели и постулати заради кој е формиран овој пакт, а тоа е остварување геостратешки интереси на најмоќните држави преку експлоатација на помалите народи на периферијата на капитализмот. Сето ова е дел од засилената пропаганда на новата власт без никакви државотворни интереси, која единствено демонстрира потчинетост пред уцените на меѓународната заедница и непочитување на волјата на сопствениот народ, кој се изјасни против влез во империјалистичкиот сојуз на неуспешниот референдум измината година.

Очајни се обидите на СДСМ за пропагирање мир и солидарност со поддржување на злосторнички пакт, очајни се обидите за градење добрососедство со соседните држави преку негирање на правото на самоопределување и сопствената историја, очајни се обидите за изградба на нов НАТО-вски идентитет на македонскиот народ кој е отелотворен преку достоинственото минато во антифашистичката борба за социјализам.

Президиум на Левица

Социјални мрежи:
error0