Тужи нѐ Рашковски – побрзо ќе напишеш тужба од твојот втор докторат!


Скандалот за генсекот Рашковски кој периодов одекна во Републиката и ја разоткри корумпираноста на социјалдемократите и нивните непотистички поставени функционери, воедно е ништо повеќе ни помалку од јасен доказ за тоа што на народот му е одамна јасно: СДСМ е новото ДПМНЕ, на стереоиди! Не ни треба никаква евтина интелектуалност, ниту еден и пол докторат – се што ни треба е да не бидеме на платен список на социјалдемократското „министерство за вистина“, за да не се правиме при очи слепи и да ја увидиме едноставната вистина која ни стрчи на сите пред носот: сите бизнис партии се исти!

СДСМ се ништо повеќе од уште една тендер-партија, чии денови на владеење се избројани после флагрантното негирање на волјата на народот јасно искажана на референдумот за промена на името на Републиката и на бројните референдуми против отворањето на рудниците на смртта. Во залезот на нивното владеење, силеџиството кое пред пола деценија стана главно обележје и двигател на отпорот против груевизмот, полека станува одлика и двигател на отпорот против новокомпонираниот груевизам за граѓанството, попознат како заевизам.

Како и останатите социјалдемократски функционери, кои немаат ништо заедничко ниту со социјализмот, ниту со демократијата, така и човекот одликуван со еден и пол докторат ја злоупотребува својата моќ, заканувајќи се со тужби за оние кои ја споделија веста за неговото местење на милионски тендери. По некои ефтини апологии за „сечени, лепени и монтирани“ бомби, во стил на познатиот „независен“ културен „работник“, Петрит Сарачини, зачинети со видна изнервираност и анксиозност кон новинарите, заканите на Рашковски доаѓаат нешто како очекуван шлаг на СДСМ-ДПМНЕ-овската торт(ур)а врз народот. Влевањето страв во народните маси, подривањето на народниот отпор и заробувањето на државата се чекори кои не се туѓи на ниту една ненародна власт, а претходниве година дена станаа чести како „добро утро“ за коалицијата СДСМ-ДУИ.

Затоа, Драг(и) Рашковски, меѓу останатите сега и нас ни дојде редот да ти кажеме: тужи нѐ слободно! Тужи нѐ веднаш – веројатно побрзо ќе напишеш тужба од твојот втор докторат! Нема да си ниту прв, ниту последен! Нека види народот дека кога вистината и обединетоста е на негова страна, силата на елитистичкото бизнисменско малцинство не му може ништо! Биди немилосрден, бидејќи кога ќе дојде нашиот ред, нема да се извинуваме за народната немилосрдност кон тебе!

Президиум на Левица

Социјални мрежи:
error0