Итно распуштање на СЈО и на Владата!


Патот до Европска Македонија не само што нè води во ендек, туку е и поплочен со криминални скандали и суми за кои работниот народ во оваа држава може само да сонува. Рашковски и Леонардо, Јанева и Тредичи се наводно само почетокот на низата бомби кои ќе ја тресат јавноста овој период.

Да не се лажеме дека Боки 13 работи сам. За случајот „Рекет“, потребен е силен грб! И тоа не е, и не ни има сила да биде ниту Катица Јанева, ниту СЈО. Јасно е дека моќни функционери од Владата во најмала рака знаеле за овој случај, ако не биле и активно вмешани во истиот, а доколку се земе предвид и докажаната сервилност на социјалдемократите и наудреноста на Европската Унија во нејзината млитава апологија на СЈО, воопшто не би било зачудувачки доколу во игра се вмешани и неколку Западни амбасади.

Да не се лажеме и дека случајот со речиси др. др. Рашковски не и бил познат на Владата. Побогу, Рашковски е дел од Владата! А опортунист кој ја злоупотребува позицијата за лично богатење не е ретка појава помеѓу редовите на СДСМ, за да се смета за исклучок. Напротив, станува збор за општо правило и дефиниција на поставата на сите досегашни владеачки гарнитури во Републиката, а СДСМ, како дел од актуелната власт, само постапува онака како што веќе и се смета дека е нормално да се постапува – краде, лаже и се заканува!

За крај, да не се лажеме дека и функцијата на СЈО беше или е да го расчисти криминалот на претходната власт. Напротив, СЈО ја одигра својата улога по нарачка од Западот и изврши притисок за да се прифати Преспанскиот Договор и спротивно на народната воља изразена на пропаднатиот референдум во септември, да го промени erga omnes името на Република Македонија. Една ваква институција не смее да продолжи да постои, а ако нивната малициозност во минатото некому не му е доволна причина за нејзино распуштање, ако заканата дека СЈО се користи за уредување на власта во Републиката на начин на кој му одговара на САД и нивните пријатели не го загрижува премногу, тогаш барем случајот „Рекет“ дефинитивно укажува дека митот околу СЈО е една огромна фарса!

Оваа Влада на социјалдемократите и вечниот коалиционер ДУИ мора под итно да се распушти! Нивната инволвираност во многубројните скандали и криминали се само цреша на шлагот – неисполнети предизборни ветувања, непочитување на референдумски изразената воља на народот во неколку наврати, промена на името на Републиката, поставување на кариеристи и поранешни членови на УЧК на јавни функции, комплетна сервилност кон Западот. Вакви луѓе и вакви партии не можат да ја водат државата напред во име на просперитетот на работниот народ, туку единствено можат да профитираат злоупотребувајќи ја својата моќ. Нивниот интерес е апсолутно комплементарен со нашиот и помеѓу нас нема место за компромис!

Промена, а не замена!
#ПриклучиСе

Президиум на Левица

Социјални мрежи:
error0