Изборниот модел – шлаг на тортата позната како економска нееднаквост

lev

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

37423080 10204862327155759 4125965834755506176 n
Анализа на Јован Крајевски – член на Президиумот

Потикнати од формирањето на Иницијативата за една изборна единица, вонпарламентарната партија „Глас за Македонија“ неодамна организираше средба на која беа поканети повеќе партии. Целта на средбата беше да се разгледа изборниот модел и евентуалните промени кои би го демократизирале општеството.

Скепсата што ја имав уште пред почетокот на средбата, а која беше во однос на тоа на што точно ќе биде фокусирана дискусијата, и, како дискусија со одреден фокус, со која цел се одржува, во голема мера беше потврдена од повеќето претставници кои беа присутни на средбата. Имено, како што и очекував, дискусијата повеќе беше ориентирана на промена на изборниот модел и изборниот законик, небаре демократијата во една заедница произлегува од декрет, или попрецизно, од декрет кој регулира чисто формални аспекти на изборот на народните претставници.

Каква промена на изборниот модел е навистина потребна?

Вистина е дека Донтовиот метод на алокација на пратенички места во одредена мера ги фаворизира т.н. големи партии, или, оние партии кои имаат поголем број на освоени гласови, но прашањето кое што се наметнува кога се бара замена на Донтовиот метод со некој друг метод е: За колкава „неправда“ навистина е одговорен Донтовиот метод? Одговорот на ова прашање во голема мера го открива и мотивот на оние кои ја заговараат замената на овој метод. Бидејќи, навистина, доколку во Република Македонија се воведе една и единствена изборна единица, Донтовиот метод максимално може да одземе едно пратеничко од некоја партија со помал број на гласови и истиот да го награди на партија со поголем број на гласови.

Тука, природно, треба да се запрашаме: за кого навистина е важно тоа едно пратеничко место? Дали народот навистина толку многу добива доколку во парламентот има еден пратеник надвор од досега познатите партии, или впрочем се крева галама бидејќи тоа едно пратеничко место значи многу за самата партија која го има освоено, како и за пратеникот кој што ќе добива пратеничка плата? Досега неприкосновената власт на неколку партии, имено ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, не се руши со едно освоено пратеничко, колку и тоа да е почетокот на стрмниот пат до разбивање на политичкиот монопол на овие партии.

Многу е поважно, пред се, воведувањето на една изборна единица, бидејќи сегашниот изборен модел ги чини скапо партиите со понизок рејтинг, кои во најнеоптимален случај можат да останат без пратеници и со 5% од гласовите (за споредба, со 5% од освоеното гласачко тело, една изборна единица и 120 пратенички места, една партија би добила 6 пратенички места, и како последица на тоа, пратеничка група). И веднаш е јасно деку тука е првата болна точка за партиите со повисок рејтинг. Доволно е само да се посочи прстот кон Алијанса на Албанците, кои беа присутни на средбата и кои, во голема мера потикнати од резулатот на нивниот претседателски кандидат, Блерим Река, јасно се изјаснија дека бараат 8 изборни едници, наместо 6 (за споредба, со 8 изборни единици и 120 пратенички места во парламентот, една партија би можела да освои и 6.6% од гласовите, и да остане без пратеничко место, додека во една изборна единица, истата таа партија би имала 8 пратенички места).

Од тука, јасно е и зошто се „шушка“ дека доколку се воведе една изборна единица, таа ќе биде пропратена со воведување на експлицитен праг од околу 4%. Повторно, оваа варијанта ги спречува сите партии кои имаат освоено помалку од 5 пратенички места да влезат во парламентот, што е и полошо од сегашниот модел на 6 изборни единици и имплицитен праг, кој барем ја остава отворена можноста една партија да стане парламентарна и со освоени помалку од 4% од гласовите.

Вистинската промена на изборниот модел, која што одговара за т.н. „мали“ партии кои навистина искрено се борат за промена во општеството, а не за исполнување на своите мизерни лични интереси, е, пред се, воведување на една изборна единица. Потоа, круцијално е да се задржи имплицитниот праг, а речиси е комплетно неважно дали Донтовиот метод ќе биде заменет. 

Економската нееднаквост како причина за недемократичноста на општеството

Но, она што навистина загрижува во целата ситуација е прашањето за тоа кој навистина стои зад политичките партии и за чив интерес, освен својот личен, тие навистина се залагаат, без разлика дали тоа го прават свесно или несвесно.

Левичарската идеологија ги дели партиите на буржујски партии, кои ги претставуваат бизнис-интересите на олигархијата, и работнички партии, кои го претставуваат интересот на работниот народ и угнетените поединци во заедницата. Зад првите стојат бизнис тајкуни: тие финансиски ги поддржуваат, ги присилуваат своите вработени да гласаат за партијата која што ја поддржуваат, самите стануваат членови на тие партии итн. Зад вторите стои народот, кој нема банкарски депозити од милиони евра за да финансиски ја поддржи работничката партија. Во нашиот контекст, ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, ДПА – сите се бизнис партии, што лесно може да се потврди кога ќе се види потеклото на милионските трошоци кои тие ги прават за време на предизборните кампањи, како и законите кои ги носат во корист на бизнис-заедницата, за возврат на сите пари кои им биле дадени за да го осигураат растењето на својот рејтинг.

Уште поважно во денешно време е што левичарската идеологија ги дели партиите и на про-империјалистички и анти-империјалистички. Навистина, овде е сосема невозможно да една партија тера империјалистички интереси на Република Македонија, бидејќи Македонија нема никакви реални империјалистички претензии, освен пар циркузанти на политичката сцена кои публицитетот го влечат од заговарање на иредентизам кон Грција, кој, впрочем, е нереално да се изведе. Но, тоа не значи дека една партија во Република Македонија не може да ги спроведува империјалистичките интереси на Западот, како што е случајот со сите сегашни парламентарни партии. И секако, ретко кој работи вон интерес. Да бидеш сервилен, како што е нашата власт, со себе носи и многубројни привилегии, финансиски и политички, најперверзно преку разно-разни невладини во обид да го менуваат јавниот дискурс или да го дефокусираат народот, реализирани од Западот. Сето ова дополнително ја отежнува позицијата на работничките и/или анти-империјалистичките партии. 

Кога ќе се стави на едната страна од терезијата олигархијата заедно со Западот, јасно е дека од другата страна единствената противтежа може да биде народот. Но, за да народот застане зад некого, тој некој треба да допре до народот, да ги претстави своите заложби, да ја прими критиката од народот и да го интегрира народот како дел од својот политички субјект што го пласира на политичката сцена. Во колкава мера е ова отежнато во нашата „билборд“ плутократија, каде што е дозволено партии да трошат милиони на реклами, билборди, митинзи и секаква форма на пропаганден материјал е очигледно.

Но, вреди да се посочи она што се премолчува од официјалните политички субјекти – ѓаволски е тешко да се натпреваруваш со Западот и олигархијата! Оваа финансиска нееднаквост е многу поголема причина за недостатокот на демократијата во државата, отколку што се финесите во изборниот модел или изборниот законик. Класната раслоеност можеби не е единствената детерминанта, но е ветарот во едрата на сета недемократичност на нашето секојдневие.

Сепак, тоа не значи дека промени на изборниот законик нема да ја олеснат можноста на народот да биде претставуван и од работнички, анти-империјалистички партии. Рестрикции на сумите кои партиите смеат да ги потрошат во предизборните кампањи, подеднакво претставување на партиите во медиумите без можност за доминација на одредени простори врз медиумскиот простор, забранување на митинзите и мегаломанската употреба на билборди за водење кампањи и анти-кампањи и задолжителни дебати помеѓу претставниците на партиите се само дел од мерките кои ќе ја намалат економската, а со тоа и политичката нееднаквост на политичките партии.

Збор-два за деполитизацијата на индивидуата

Кога се зборува за политички партии и демократија, во нашиот контекст нужно се зборува за репрезентативна (претставничка, индиректна) демократија, во која што народот ги избира своите претставници кои одлучуваат во негово име. Прашањето кое нужно се наметнува е: што се случува кога на народот не му се допаѓа ниту една од понудените опции?

Навистина, се повеќе ова е случајот, како што може да се забележи и од огромниот пад на излезеноста на изборите. Она што кај мнозинството преовладува како став (навистина е мнозинство, бидејќи излезеноста, барем на последите претседателски избори, беше едвај над 40%) е дека без разлика за кого и да гласаат, повторно ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ќе се на власт, или, без разлика кој и да е на власт, повторно народот нема да почуствува некаква клучна разлика.

Во еден ваков случај, нужно се јавува потребата од тоа граѓаните да можат да создадат своја работничка, анти-империјалистичка партија. Но, благодарение на нашите транзициски лидери, процесот за нешто вакво е отежнат, политички и финансиски.

Пред се, за регистрација на нова партија се потребни 1000 основачи. Оваа бројка ни малку не е мала, ако се земе предвид дека оние што искрено сакаат да создадат нова опција, имаат ограничен пристап до медиумскиот простор. Дополнително, процесот на регистрација е и финансиски отежнат, бидејќи основачите се приморани да вадат изводи од матична книга на родените за да го докажат своето државјанство, иако правно, државјанство се докажува со лична карта.

Настрана правните и финансиски потешкотии, соочени сме со креирањето на еден тон т.н. пајтон-партии, односно партии кои стануваат привезоци на поголемите партии, што создава сомнеж дека е возможно една партија да опстои автентично и самостојно на политичката сцена. А за ретките кои опстојуваат, секојдневно се соочени со безброј притисоци, институционални и вонинституционални. 

Последица на сето ова е зголемената деполитизација на индивидуата, како и израмнување на партиското со политичкото како поими, бидејќи индивидуата согледува дека политиката и припаѓа само на веќе постоечките политички субјекти – бизнис партиите. Нажалост сето ова оди во прилог единствено на оние кои од осамостојувањето до денес се на власт, и на владеачката класа чии интереси тие ги претставуваат.

Но, на една пооптимистичка нота – сепак вреди да се бориме! Периодов е и 11 октомври – денот на отпочнувањето на Народно Ослободителната Борба против фашистите. Нивната истрајност и борбеност во услови многу потешки и поопасни од денешните се тука да нѐ потсетат дека колку и да ситуацијата изгледа безизлезна, политичкото организирање на работничката класа е возможно и е нешто кон што мораме да се стремиме доколку мечтаеме за подобра иднина!

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ