Левица ќе освои пет пратеници на престојните парламентарни избори


Изјава на претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на отворањето на канцеларијата во Прилеп.


Поддршката за Левица секојдневно расте и тоа е во насока на природниот тек за тоа дека дека луѓето си бараат трета опција. Позициите наши се јасни, Левица предизборно оди сама на избори, постизборно би коалицирале со партија или мандатар кој ќе го поништи Преспанскиот договор и тоа се нашите црвени линии. Доколку не се најде таков, тогаш ние ќе останеме парламентарна опозиција.

Избори ќе има, договорен е тој Пржински формат на Влада, што според мене грешка е што ДПМНЕ се нафати на таков формат. Tребаше веднаш после дебаклот за недобивање на датум за почеток на преговори за ЕУ да се оди на брзи предвремени избори и распуштање на Собранието, но се испушти тој момент, а до тогаш мислам дека ќе има неколку утешни награди, како приемот во НАТО, ако помине ратификацијата во шпанскиот парламент.

Тоа ќе го искористат спинерите на владеачката партија, како еве се движиме на Прав пат. Тоа ќе им донесе плус неколку гласа, но целата слика ќе биде дебакл и пасокизација на владеачката партија и мислам дека Заев ќе замине во заслужена политичка пензија после целото зло кое го нанесе со Преспанскиот договор.

Едната изборна единица е блеф на владејачката партија. Тие да сакаа, досега ќе го воведеа тој нов модел, имаа за тоа три години. Бидејќи големите партии губат 3 до 4 пратеника од старт, никогаш нема да го променат моделот се додека не им запрети некоја препорака од ЕУ, па така го сменат.

Но ние веќе учествувавме на ваков изборен модел. Постоечкиот изборен модел е убиствен за малите партии, дури хипотетички вие може да освоите 30 илии 40.000 гласа, а да немате ниту еден пратеник, што е нон-сенс. Затоа што во секоја изборна едниница ви требаат по 8 до 9.000 концентрирани гласови за да барем носителот на листа да влезе. Овој модел нема да биде променет, ние сме подготвени и под овој модел на учествуваме и да освоиме пратеници. Реалните очекувања се тие што во овој момент Левица е околу 4% реална тежина, тоа значи во бројка околу 50.000 гласови. Ако споредите на минатите избори, Левица освои 13.000, ние сме задоволни, но тек допрва почнува кампањата, се надеваме на зголемување на тој скор и мое лично мислење е дека барем носителите на листа од прва до петта изборна единица дека имаат реални шанси да влезат во парламент, што значи 5 пратеници.