ИНТЕРВЈУ НА АПАСИЕВ ЗА ВЕЧЕР: Ние сме незгодни политички противници, од нас ќе зависи идната влада!

DSC_2640-696x483

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Насушно ни е потребна свежа енергија, автентична политичка сила која ќе ја скрши кичмата на политичкиот измеќарлак кој постои во лидерствата на двете партии и, конечно, ќе се свртиме кон самите себе и кон она што ние, како, народ и држава, располагаме. А имаме многу, само штета е што поради организираниот криминал, клиентелизмот и високата корупција чесните наши сограѓани не можат да просперираат и да живеат од сопствениот труд. Ова, во перспектива, мораме радикално да го промениме, ако сакаме да опстоиме како држава. Во спротивно, ќе бидеме запаметени како генерација која дозволила политички мивки и ситни воени профитери да ни ја урнисаат Републиката, за која се бореле десетици генерации пред нас, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, Димитар Апасиев. На нашите прашања пред претстојните парламентарни избори одговара во негов препознатлив стил. Вели дека Левица ќе им ги помати сметките на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и тоа уште на овие избори, станувајќи вистинската и толку посакувана трета опција.


– На претходните избори освоивте околу 13.000 гласови, но не освоивте ниту еден пратеник. На овие избори очекувате пет пратеника – каква стратегија ќе употребите сега за да добиете концентрирани гласови во изборните единици и да ги освоите очекуваните пратенички места?

Да. Во хипотетички услови, ако бевме една изборна единица (за која ние се залагаме), ние тогаш, во 2016, ќе се тркавме за втор пратеник – а вака, не освоивме ниеден, од причина што пропорционалниот Донтов систем со шест изборни единици е намерно така скроен да им одговара само на големите партии, а да ги „краде“ и онеспособува помалите, на тој начин убивајќи го политичкиот плурализам. Но, во тоа време преовладуваше и моментот „не го ситни Отпорот“, па многу луѓе кои на овие избори ќе гласаат за нас, тогаш гласаа за СДСМ, со тенденција само и само да паднат ДПМНЕ. Реално гледано, и во вакви тешки предуслови, сепак не е невозможно да освоите пратеник кандидиран од партија која е надвор од големите коалиции – бидејќи за тоа ви требаат околу 7.000-9.000 гласови по изборна единица, зависно од процентот на излезност на денот на изборите. Оттука, имајќи го предвид фактот дека, во меѓувреме, Левица стана најбрзорастечка партија на македонската политичка сцена и мошне препознатлива во јавноста, убеден сум дека на овие избори ние ќе бидеме толку потребното „изненадување“ кое ќе направи освежувачки пробив во парламентот, преку освојување доволно мандати за сопствена самостојна пратеничка група во Собранието на Република Македонија, од која ќе зависи и главниот збор при формирањето на идната влада.

– Има ли простор на македонската политичка сцена за трета опција?

Не само што има простор, туку има и реална потреба од неизвалкани, образовани и чесни луѓе во политиката. Впрочем, како никогаш досега, тоа ни е и насушно потребно! Или, со други зборови, тоа ни е последната сламка надеж пред да ја изгубиме Републикава, која три децении ја владеат криминално-капиталистички картели замаскирани во тројната „Оска на Злото“ (СДС + ДПМНЕ + ДУИ). Народот е веќе изморен од лагите на двете големи партии, бидејќи, во суштина, и нема некоја квалитативна разлика меѓу нив – тие се неолибералистички испостави на капиталистите и олигарсите кои ја штитат корупцијата и не дозволуваат ова општество да пркне и да се развива како останатите цивилизирани европски држави. Затоа сме слепо црево на Балканот и во Европа. Насушно ни е потребна свежа енергија, автентична политичка сила која ќе ја скрши кичмата на политичкиот измеќарлак кој постои во лидерствата на двете партии и, конечно, ќе се свртиме кон самите себе и кон она што ние, како, народ и држава, располагаме. А имаме многу, само штета е што поради организираниот криминал, клиентелизмот и високата корупција чесните наши сограѓани не можат да просперираат и да живеат од сопствениот труд. Ова, во перспектива, мораме радикално да го промениме, ако сакаме да опстоиме како држава. Во спротивно, ќе бидеме запаметени како генерација која дозволила политички мивки и ситни воени профитери да ни ја урнисаат Републиката, за која се бореле десетици генерации пред нас.

-Промената на изборниот модел  се заговара  речиси пред секој изборен циклус, гледате ли вистинска волја за промена на изборниот модел?

Апсолутно не! Веќе напоменав, овој изборен модел нема да се промени сè додека не настанат тектонски пореметувања на политичката сцена и додека трета сила не ги „раздрма“ заспаните компромитирани и алчни политичари во парламентот. Дотогаш, само ќе имаме привиден избор меѓу естаблишментските партии, сличен на оној како меѓу змијата и магарето, а реалниот бенефит за обичниот народ и за општото добро ќе биде само празно ветување во некреативните предизборни програми на големите партии. Ниту СДС, ниту ДПМНЕ, ниту ДУИ сакаат промена на моделов, бидејќи така од старт губат 3-4 пратеника и стануваат повеќе ранливи и изложени на политичка конкуренција од противниците. Тоа им го повредува нивниот комфор, па бидете сигурни дека ќе сторат сè што е во нивна моќ ова мртвило и статус-кво да опстои и во иднина! Но, ние сме тука да им ги поматиме сметките, и тоа уште на овие избори, станувајќи вистинската и толку посакувана трета опција која ќе ги натера на радикални реформи во клучните сектори, со цел да станеме нормална држава за живеење, од која младите луѓе нема да сакаат да бегаат, туку да останат, да живеат, работат и градат свое семејство и своја кариера тука, дома, наместо по белиот свет.

– Дел од вашите колеги Ве обвинуваат дека сте сателит на ВМРО-ДПМНЕ?

Тие кои ме обвинуваат за тоа се најчесто спинери и партиски ботови кои гравитираат околу владејачката СДС, потоа некои потплатени непрофесионални навивачки квазиновинари и дел од т.н. искомпромитиран невладин сектор под контрола на Сорос. Ним би им препорачал да ги погледнат моите предизборни ТВ-соочувања со перјаниците на претходниот груевистички режим, како и моите интервјуа дадени во тоа време – па после тоа, ако имаат нешто да додадат, можеме да разговараме. Но, интересното кај овие карикатурални ликови е тоа што сите тие дежурни тастери и плукачи, бегаат како ѓавол од темјан од јавна телевизиска дебата со мене!? Речиси и да нема дебата која ја немаат откажано по неколку пати, а на Фејсбук и Твитер се многу „грлати“ и гласни. Во суштина, станува збор за маргинални и истрошени личности, исполнети со горчлива пизма и неморал, кои својата сопствена некадарност и расипаност, се обидуваат да ја самооправдаат во лепењето етикети за другите. Но, јас сум навикнат на тоа – бидејќи, на крајот на краиштата, во политиката нема „етике“, туку има „етикета“, па ако немате јаки стомачни мускули да се носите со нив, воопшто не се ни занимавајте со јавната ствар.

-Што беше клучниот момент за Левица да ја фати кривината за десно?

Во правото, вака формулираните прашања ги нарекуваме сугестивни, односно наведувачки „прашања стапица“ и не се подобни за одговарање, бидејќи во себе содржат наводно признание на субјектот, кое тој никогаш не го рекол. Впрочем, Левица никогаш не фати кривина „на десно“. Доколку алудирате на нашето учество во движењето #Бојкотирам или на нашето противење на противуставната двојазичност, тогаш вистината е дека Левица изигра најлевичарски потег vis-à-vis националното прашање. Имено, левицата никогаш не бегала од големите државни и национални прашања, па поаѓајќи од правото на самоопределување кое го има секој народ, ние само го направивме она кое би го направил секој нормален и разумен човек – застанавме жестоко во одбрана на правото на македонскиот народ да се именува и идентификува онака како што тој самиот сака. Тоа е неприкосновено и врховно колективно право, за кое се воделе војни и гинеле луѓе, и ние – како продолжувачи и поддржувачи на чистата АСНОМ-ска традиција, не можевме да седиме неми пред неправдата и силувањето на нашиот народ и пред обезличувањето на Републиката. Во други историски околности, можеби би земале и оружје в рака за да го оствариме тоа што природно ни припаѓа (како партизаните, на времето), ама сега – во овие материјални услови, ценевме дека со нашиот политички активизам сме должни да дадеме сè од себе да го спречиме потчинувањето на цел еден народ во име на апстрактни и милитарни идеи од типот на НАТО или ЕУ.

-Со кого би коалицирале, доколку од вашите пратеници би зависело формирањето на идната влада?

Со онаа партија или коалиција која би започнала правна процедура за поништување на илегалниот и октроиран т.н. Преспански договор.

-Има ли смисла и понатаму да се практицира Пржинска влада пред секои избори, кога гледаме дека не функционира за ништо друго, освен за партиски препукувања?

Не. Нема никаква смисла овој истрошен концепт на техничка влада, ама составена од политички партии!? Доколку нема доверба во институциите задолжени за регуларноста на изборите, можеби треба да се размисли за т.н. експертска влада 100 дена пред секои наредни избори, која ќе има строго ограничен мандат, во тој преоден период – не да предлага системски закони кои ќе ги шверцува во три по полноќ – туку само да спроведе фер и демократски избори.

-Кои се најголемите грешки на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во изминативе 29 години независност?

Ако почнеме да ги редиме поединечно, би ни требале неколку томови книги за да ги наброиме. Но, ако сакаме да дадеме една генерална слика – каде тие погрешија, тогаш одговорот го наметнува самиот живот: ДПМНЕ и СДС на „Нашата Земја“ се две страни на една иста паричка, која се вика неолиберализам. За да биде појасно за читателите, неолибералните транзициски политики на овие две партии се најголемото зло што можеше да ѝ се случи на Македонија! Тоа значи дека, благодарение на овие погубни политики, ние систематски и брутално го редуциравме јавниот сектор и извршивме недозволива приватизација, дури и на сфери кои никако не смеат да паднат во приватните раце на газдите и олигарсите ориентирани само за стекнување екстра профити (на пример: природни ресурси, тешка индустрија, здравство, образование и сл.). И второ – благодарение на ваквите девастирачки економски политики, до небо се зголемија класните разлики меѓу населението! Со други зборови, неопростливата грешка на овие две партии е што, во тридецениското нивно бандитско и расипничко владеење, воспоставија таков политичко-економски систем во кој богатите станаа сè побогати, а сиромашните сè посиромашни. Овој погубен тренд не смее да продолжи и ние сме тука конечно да му застанеме на патот. Ете затоа, сме незгодни политички противници и за едните и за другите. Оти сме храбри, искрени и неподмитливи. Левица не простува. Левица не заборава.

-Најавивте дека до Уставниот суд ќе поднесете иницијатива за поништување на повтореното гласање со кое беше донесен Законот за јавно обвинителство. Познава ли нашиот Деловник поништување на гласањето?

Не, не познава! Нашиот собраниски Деловник познава само „поименично прегласување“, односно спорна ситуација кога пратениците се прозивани по име и се изјаснуваат еден по еден. Ама, тоа е само по исклучок – во ситуација кога има разлика од плус/минус пет пратеника, што во конкретниов случај не беше така (бидејќи фалеа шест гласа за законот да се донесе). Или, да бидеме попрецизни: по првото гласање, контроверзниот и противуставен Закон за ЈО – со кој Заев се обидува на најдрзок начин да се спаси од иден кривичен прогон по губењето на власта во април – доби 74 од потребните 80 гласови! Во таква ситуација, нема никаква деловничка можност да се употреби некакво си повторено електронско гласање, затоа што овој системски или органски закон, се носи со квалифицирано двотретинско мнозинство од минимум 80 пратеници. Таканареченото „поништување на гласањето“ (!?), пак, кое самоволно и волунтаристички го направи спикерот Таљат Џефери, алијас командант Форина, е непознато во јавното право и, по престанокот на неговиот пратенички имунитет, тој ќе треба за тоа и кривично да одговара.

-Доколку дојде до промена на власта, дали идната влада ќе има можност да го поништи Договорот од Преспа?

Да, ќе има. И тоа на две нивоа: внатрешно – преку Собранието и Уставниот суд; и надворешно, т.е. меѓународно – искористувајќи ги одредбите од Виенската конвенција за договорно право. Сè што треба е само политичка волја и добар правен тим од светски признати професори по право.

Јованка Царулеска Груевска

Фото: Ѕ. Плавевски


Интервјуто изворно прочитајте го на следниов линк.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ