Хипокризијата на Европа и добродушноста на Кина


Мартин Димоски
Член на Централен Комитет

Политичката перверзност на Европската Унија кон Македонија и останатите земји кои чекаат во нејзиното предворје излезе на површина. Уште еднаш. Солидарноста и заедништвото кое го пропагираат еврокомесарите и домашните послушници, се покажа дека не се ништо друго, освен безначајни зборови преку кои се туркаат интересите на “големите” во Македонија.

Триесетина години политичарите и оние самопрогласени експерти и аналитичари, ни ја претставуваат Европската Унија како надбожно битие, мастурбирајќи при тоа пред телевизиските екраните на нејзината совршеност, нејзината солидарност, заедништво, хуманост. 

Истите овие машносани политичари во одела платени со потта на илјадниците отпуштени работници од транзицијата, сега се скриени во глувчешките дупки чекајќи западното Бујарово сонце да им го осветли мракот кој самите го создадоа.

Сонцето го нема сега. Ја нема Европската Унија, а со тоа и помошта. Нема ни да ја има, веројатно. Ја нема за нас, но ја нема ниту за Италија, ниту за Шпанија. И не само што ја нема, туку Македонија доби и една голема шлаканица – забранет пристап до медицинската опрема и други медикаменти кои се произведуваат во земјите од Европската Унија т.е. ембарго. И тоа од онаа Унија поради која го сменивме името и потпишавме бројни поразителни договори. Европска хипокризија! 

Од друга страна, “режимската и крвава” Кина уште еднаш ја покажа својата солидарност. Без уцени и без други очекувања, несебично ја понуди својата помош. “Земјата каде не се почитуваат човековите права и во која владее крвав режим како што милуваат да ја нарекуваат западните “демократи” веќе ја достави својата материјална и нематеријална помош на Италија и Шпанија, а под слоганот “Челични пријатели, го делиме и доброто и злото” помошта пристигна и во Белград. При тоа, не сакам да го глорифицирам Вучиќ меѓутоа тој јавно ја побара помошта од Кина и ја изрази својата благодарност кон оваа земја, а истовремено ја нападна Европската Унија за нивната лажна солидарност. 

Оттука она што мене ме плаши не е себичноста на ЕУ. Ме плаши провалијата во која нѐ носат сервилните “наши” функционери-измеќари кои плашејќи да не им згрешат нешто на нивните газди од Кале не само што не бараат целосна помош од Кина, туку, и не им се заблагодарија за понудената.

И за жал, кога ќе заврши сето ова повторно ќе се постели црвениот тепих за машносаните бирократи од Брисел кои повторно ќе извикуваат “И сонцето е ѕвезда!”. Да, но сега кога владее сенката на полуживата Европа, единствено сонце кое грее е она од исток. Колку и да го негираат тоа оние прогресивци од “Нашата Земја”, и оние наводно нивни опоненти кои и натаму ја прераскажуваат приказната дека единствениот спас ни е ЕУ и НАТО.

Затоа, подеднаков предизвик во наредниот период ќе биде не само надминување на кризата, туку и политичко елиминирање на политичарите кои 30 години коленичарат кај европските бирократи, кои го продадоа достоинството на македонскиот народ убедувајќи не дека единствениот спас ни е НАТО и ЕУ, но не и Кина која досега неколку пати се покажа дека има далеку пофер надворешна политика.