Дали конфекцијата „Ју-Ка“ градот Велес го претвара во ново жариште на пандемијата?


Во Велес се случува експлозија на новозаразени. Јавна тајна е дека огромниот број новозаболени лица во Велес најмногу се должи на несериозниот пристап од страна на конфекцијата „Ју-Ка“ од Велес. Имено, во изминативе неколку недели голем дел од работниците во оваа конфекција се обратија до нас со укажување за голем број на нерегуларности и непочитување на мерките за заштита и превенција од корона вирусот.

Согласно информациите кои што ги добивме од работниците, сопственикот на конфекцијата „Ју-Ка“ , на своите работници кои покажувале симптоми на Kовид-19 не им било дозволено да останат во своите домови, и притоа им се заканувал откази. Откако ваквите информации од наша страна беа пренесени до јавноста и го пријавивме случајот во Трудовиот и Пазарниот инспекторат, сопственикот на оваа конфекција демантираше сè што ни беа пренеле работниците и изјави дека е разочаран од лагите кои ги кажувале неговите вработени.

Две недели од таа несреќна изјава на овој сопственик, во неговата фабрика владее вистински хаос поради огромниот број на заболени лица, според некои проценки станува збор за над 30 лица, а, за жал, укажано ни е дека има и едно починато лице поради заболен во неговата фабрика!

Повторно, вработените во конфекцијата „Ју-Ка“ побараа наша помош, по што ни објаснија дека овој сопственик наместо да ја затвори фабриката и да спроведе детално дезинфицирање на истата, дел од работниците ги испратил дома, а дел ( околу 30-тина лица ) ги задржал на работните места, поради тоа што наводно добил тендер за изработка на заштитни маски за борба со ковид 19! Самите вработени ни пренесоа дека добиле информација дека сопственикот на „Ју-Ка“ добил дојава дека ќе биде извршена вонредна инспекција, по што им наредил на сите вработени да не доаѓаат на работа со цел да се прикаже неговото “регуларно“ работење. Исто така, по информациите кои што ги добивме, на работниците им било наредено да влегуваат во конфекцијата од спореден влез, за главниот да биде прикажан како затворен за инспекциите кои доаѓале.

Некои од работниците инсистираа на тоа дека сопственикот и градоначалникот се блиски пријатели и поради тоа тој работел без да се грижи за здравјето и животот на своите вработени, мислејќи само на својот профит.

На вчерашната прес-конференција, градоначалникот на општина Велес – Аце Коцевски истакна дека телефонски разговарал со сопственикот на конфекцијата по што му било укажано дека работните погони не биле во функција и дека на работа оделе само административните работници, кои, исто така се работници чие здравје е загрозено, а веројатно е дека се само алиби за да се прикрие ангажманот на 30 конфекциски работници. Она што го изјави градоначалникот и она што го кажуваат работниците се две сосема различни тврдења!

Поради тоа, бараме од градоначалникот на општина Велес – Аце Коцевски, и сопственикот на конфекцијата „Ју-Ка“, да се произнесат јавно на нашиве прашања:

1. Дали е вистина дека конфекцијата „Ју-Ка“ е во континуран работен процес во целиот овој период откако изби новото жариште на ковид 19 во фабриката?
2. Дали е вистина дека фабриката „Ју-Ка“ добила тендер за изработка на заштитни маски?
3. Дали е вистина дека градоначалникот на општина Велес – Аце Коцевски, и сопственикот на конфекцијата „Ју-Ка“ се пријатели?
4. Дали е вистина дека градоначалникот Коцевски и сопственикот на „Ју-Ка“ се заканувале на вработените во „Ју-Ка“ да не се шират информации поврзани со случувањата во изминатите неколку денови, а се поврзани со пандемијата?
5. Дали сопственикот на „Ју-Ка“ и градоначалникот Коцевски чувствуваат морална одговорност за новите заболувања на нашите сограѓани?
6. Дали сопственикот на конфекцијата „Ју-Ка“ е сѐ уште разочаран и повреден од, според него, лажните искази на неговите вработени кои што уште пред две недели укажаа на проблемот со заразени во оваа конфекција, или смета дека самиот е одговорен за заболувањето на над 30-тина велешани?

Реакција на Локален Огранок Левица – Велес.