ЛЕВИЦА ЈА ЗАПОЧНУВА СВОЈАТА ИЗБОРНА КАМПАЊА ПРЕКУ КОЈА СТАНУВА ПАРЛАМЕНТАРНА ПАРТИЈА


Политичката партија Левица денес, согласно Изборниот законик, ја започнува својата изборна кампања како самостоен учесник, т.е. подносител на листи на кандидати за пратеници на Предвремените парламентарни избори 2020.

На претстојниве историски избори, кои се од суштинско значење за развојот и просперитетот на Република Македонија, Левица – согласно официјално потврдените листи од ДИК – ќе настапи под реден број 4 во сите шест изборни единици: носител на ИЕ 1 е претседателот на Левица – проф. д-р Димитар Апасиев; носител на ИЕ 2 е м-р Реџеп Исмаил; носител на ИЕ 3 е Борислав Крмов; носител на ИЕ 4 е Бранко Ристов; носител на ИЕ 5 е Јована Мојсоска и носител на ИЕ 6 е Сенада Ибраимова – сите кадри од највисокото раководство на Партијата, со долгогодишно искуство на полето на политичкиот активизам.

Во оваа кампања, спроведувана во вонредни и кризни околности на пандемија, а во интерес на јавното здравје, Левица ќе се усмери кон водење креативна кампања, првенствено на социјалните мрежи и на медиумите, додека ќе избегнува масовни собирања и митинзи. Планирано е да се отворат и неколку наши локални канцеларии ширум Републикава, со доследно почитување на протоколите за заштита на населението од заразни болести. Официјалниот слоган на кампањата е: Државата за народот – Левица во парламент!

Прес-конференциите ќе ги држиме или пред државните институции (на отворено) или, пак, во нашиот нов Прес-центар, сместен на бул. „Кочо Рацин“ бр. 32/1/2 (во жолтата зграда на раскрсницата кај Црвен Крст). Шеф на прес-центарот и одговорна за целокупната политичка пропаганда на Левица е Сенада Ибраимова, која ќе биде и лице одговорно за контакт со медиумите [моб. тел. 078/966-607; ibraimovasenada@gmail.com]. Шеф на изборен штаб на државно ниво е генералниот секретар на Партијата – Јована Мојсоска [контакт: 078/710-850; jovana.mojso@gmail.com].

За сите наши централни и локални активности, било на републичко или на општинско ниво, благовремено ќе бидете брифирани и известени ден претходно – како би можеле истите медиумски да ги покриете, согласно законскиот принцип на пропорционалност и избалансираност во известувањето. Се надеваме на коректен и професионален однос од Вашите новинари и уредници и Ви стоиме на располагање за секакви дополнителни прашања.

Согласно растечкиот рејтинг на Левица, веќе не е прашање дали, туку со колку пратеници влегуваме во македонското Собрание! Оттука, Левица повикува на водење достоинствена и цивилизирана позитивна кампања, почитувајќи ги личноста и дигнитетот на нашите политички опоненти. 

  С к о п ј е 24.VI.2020  Президиум на Левица
проф. д-р Димитар Апасиев