Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Потребни се правични, а не закони во полза на корумпираната елита

Новица Ристески

Владата и натаму продолжува со својата шверцерска политика на урнисување на владеењето на правото во Република Македонија (РМ). Имено, се предлагаат измени на голем број на закони и тоа измените воопшто не се за потценување, туку напротив, овие измени се вршат на цели делови од законите во најголем обем во делот на прекршочните одредби. При вакви обемни и суштински измени, правично е во склоп на самата измена да се побара законодавно-правната комисија на Собранието на РМ, да изготви пречистен текст од секој закон кој се изменува. Граѓаните како лаици по право не се должни да ги пратат сите измени, кои се прават (по 30-40 на една седница на Собрнанието) и притоа со неизготвувањето на пречистен текст на измените на законите, граѓаните се доведуваат во заблуда. 

 

Тоа несомнено ја отвара потребата за измени на постојното законодавство во насока на задолжително изработување на пречистени текстови на законите после секоја нивна измена, или дополнување.

Соодносот на казните кои се пропишани со измените меѓу микро и големи трговци, споредбено со приходите кои тие ги остваруваат е показател дека со овие измени на прекршочните одредби отворено се штитат големите трговски друштва, односно капиталот на олигарсите.

Во измените на Законот за лична карта се предвидува драстично намалување на казните за копирање на лична карта, па така наместо досегашните казни правното лице, одговорното лице во правното лице и физичкото лице кое го извршило прекршокот може да поминат со вкупна казна од 150 евра. Таа казна е за 20-30 пати помала од досегашната. Тоа само го поткрева мотивот за извршување на овој прекршок кој не е ни малку наивен. Со ваков прекршок му се прават подостапни личните податоци на граѓанинот, на лица кои по закон не се овластени со нив да располагаат.  Интенцијата е повеќе од јасна ако знаеме дека се ближат избори, па добро би дошле збирки на податоци за граѓаните на лица кои имаат политички намери.

Во некои од измените вметната е можност при вршење на инспекциски надзор да се изрече опомена за прекршокот. Тоа е, и тоа како спорен момент, бидејќи се остава можност при секој нареден инспекциски надзор да се издава опомена кон правното лице и одговорното лице во правното лице. Знаејќи ја досегашната пракса на власта за двојните аршини во спроведувањето на законите, станува јасно дека ваквите измени ќе се спроведуваат различно на територијата на Македонија.

Во насока на неколкукратно надминување на границите на Рамковниот договор и Уставот на РМ, е измената која се предвидува во Законот за објавување на законите и другите прописи во Службен весник на РМ. Имено, со оваа измена се предвидува проширување на листата на прописи кои задолжително ќе се објавуваат и на албански јазик, а до сега тоа беше обврзувачки само за законите. Сега сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи, како и други области кои се објавуваат во Службен весник на РМ, ќе се објавуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо (албанскиот јазик).

Автор: Новица Ристески, координатор на Правен програмски сектор – Левица

Најнови објави