Апасиев: Спроведувањето попис сред пандемија е противуставно

Димитар-Апасиев

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Овој стручен текст се занимава со образлагање на правните причини во прилог на тезата дека спроведувањето на планираниот априлски попис, во време на пандемија, е спротивно на Уставот на РМ. Истиот се темели на правната аргументација која е елаборирана во поднесената претставка, т.е. Иницијатива на Политичката партија Левица до Уставниот суд на РМ за оценување на уставноста на контроверзниот Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2021 година (Сл. весник на РМ бр. 19/2021).


Попишување среде епидемија е кривично дело, оти оваа масовна операција го загрозува јавното здравје!

Заради непридржување кон прописите и наредбите издадени за време на епидемија, нашето важечко позитивно право предвидува кривична одговорност во нашиот Кривичен законик (1996) – за сериозно кривично дело Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, казниво по чл. 206, ст. 1 од КЗ – стипулирано во Глава XXI [Кривични дела против здравјето на луѓето]: „Тој што, за време на епидемија на некоја опасна заразна болест, не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување – ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“!

Со Законот за попис, донесен силеџиски и од каприц на парламентарното мнозинство, граѓаните се ставаат во неблагодарна, шизофрена и правно недопустлива ситуација, преку кршење на прописите и наредбите на здравствените власти, кои се на сила, кривично да одговараат за своите постапки, ако не се грижат за заштита на сопственото здравје!? Со тоа се крши чл. 39, ст. 2 од Уставот на РМ [„Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“] – па, на сите инволиврани во процесот на спроведување на пописот, им се оневозможува извршување на својата императивна граѓанска должност која ја имаат по сила на устав (лат. ex conctitutionis) – да го чуваат и унапредуваат како сопственото, така и туѓото здравје! Значи, побиваниот пропис го нарушува и апсолутно го демолира системот на нормативна хиерархија и овозможува заобиколување на предвидените уставни и законски норми, а со тоа е спротивен на член 51 од УРМ [„Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите“].

На овој начин, непотребно и длабоко се подрива конзистентноста на уставниот поредок и согласноста на законите со уставот, како и меѓусебната усогласеност на нормативните текстови на законите, кои треба да градат непротивречен правен систем во една функционална правна држава (герм. Rechtsstaat). Ваквата законска регулатива е нејасна, неприменлива во пракса и создава неодржлива меѓусебна колизија на законските норми со други прописи од ист и различен ранг, чија примена има приоритет во време на криза! Оттука, оваа конструкција на оспорениот закон го руши концептот на Владеењето на правото (англ. Rule od Law), како темелна вредност на нашиот уставен поредок, а гарантиран во чл. 8 од Уставот. Ова дотолку повеќе што, од досегашните одлуки и решенија на Уставниот суд на РМ, токму правната сигурност на граѓаните на РМ е дел од фундаменталното начело на владеење на правото, односно составен и нераскинлив дел кој е инкорпориран во овој авторитативен јавноправен стандард! Според едно постоечко правно мислење (лат. opinio iuris) на Уставниот суд, токму „владеењето на правото подразбира доследна примена на законските прописи кои треба да се општи, точно одредени и недвосмислено формулирани правила“ [!] – а не непрецизни, диспророрционални, малициозни или преекстензивни одредби со кои се саботира и се девастира државниот систем за кризен менаџмент.

Законот за попис е во судир со задолжителните норми на меѓународното право и со воспоставените интернационални стандарди на кои се повикува

Компаративно и споредбено-правно гледано, повеќе земји во меѓународната заедница, т.е. од нашето соседство, регионот и светот, веќе прогласија планско и привремено одлагање на спроведување на пописите во своите земји, од половина година до година дена – како на пример: Србија, Бугарија, Романија, Германија, Ирска, Шкотска и др. Како главна причина за ова, националните власти ја наведуваат токму сулудоста, практичната невозможност и преголемата опасност од спроведување на една ваква сложена статистичка операција во неповолни, непредвидливи и неконтролабилни услови на пандемија и во ек на т.н. Трет бран од ширење на заразата од овој опасен вирус, кој коси на светско ниво.

Дополнително, ЕУ легислативата која е наведена како алиби за шверцување на законот во скратена собраниска процедура под европско знаменце, дрско и лажно наведува неколку прописи како извори на кои, наводно, се темели овој закон: 1) Регулатива [Е3] бр. 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот за пописот на населението и домувањето; 2) Спроведувачка регулатива на Kомисијата [ЕУ] 2017/543 за утврдување на правилата за примена на Регулативата [ЕЗ] 763/08 во однос на техничките спецификации за карактеристиките и нивната дискриминација; 3) Регулатива на Kомисијата [ЕУ] 712/17 за воспоставување на референтна година и усвојување на програма за статистички податоци и метаподатоци за пописот на населението и становите предвидени во Регулативата бр. 763/08; 4) Регулативата бр. 881/17 за спроведување на Регулативата [ЕЗ] 763/08 во однос на методите и структурата на квалитетот и техничкиот формат за пренос на податоци и за изменување на Регулативата [ЕУ] бр. 1151/10; и 5) Препораките на ОН / Евростат за спроведување на пописите на населението и домувањето, околу 2020 год.

Впрочем, дури и при еден лаички преглед на одредбите од цитираните акти во образложението на Предлог-законот и во воведната фуснота под законот, се забележува дека истите не само што не се целосно имплементирани, туку и суштински отстапуваат од препораките и стручните стандарди на ЕУРОСТАТ и на Обединетите Нации, поточно од Меѓународните препораки за пописите на населението и домувањето околу 2020(CES – Conference of European Statisticians Recommendation for the 2020 Censuses of Population and Housing), кои се заеднички подготвени од страна на Економската комисија за Европа на ООН и Статистичката институција на ЕУ! На пример: нема никакви законски дефиниции за поимно определување на поимите употребени во законот; не се користи воедначена терминологија усогласена со меѓународните пописни стандарди; нема утврдено релевантна научна методологија која се применува во сите земји членки на ЕУ, како дел од нормативниот законски текст; не се наброени документите кои треба да се покажат при земањето лични податоци, како задолжителни јавни исправи; не е дадена формата и содржината на образецот на пописниот прашалник кој треба да се пополни; не се прави дистинкција помеѓу „вкупно население“ и „вкупно попишано население“, т.е. меѓу резиденти и нерезиденти и тн.

Законот за попис ја повредува неповредливоста на домот и приватноста на граѓаните во очигледен несразмер со поставените статистички цели, заради штимање на резултатите и фабрикување на реалноста

Оспорениот закон предвидува можност присутното полнолетно лице да даде податоци за отсутниот член на домаќинството [чл. 35, ст. 3 од ЗП]!? Таквата прешироко формулирана т.н. бланкетна норма, не само што остава преширок маневарски простор за интервенција и манипулација на собраните [мета]податоци, туку е спротивнa и на чл. 8 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) – каде се утврдува дека секој го ужива правото на почитување на приватниот и семејниот живот, домот и кореспонденцијата. Според јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права [Стразбур], ова право на приватност се протега и на личните податоци на граѓанинот!  Правото на заштита на личните податоци е сегмент на круцијалното право на приватност, предвидено исто така во цитираниот чл. 8 на ЕКЧП, што му овозможува на едно лице да ги задржи за себе сите свои персонални податоци и истовремено ги исклучува другите лица од запознавање со таквите сензитивни информации кои не сака да ги открие – без оглед дали тие „блиски лица“ се негови роднини, пријатели, другари, интимни партнери, деловни субјекти, колеги и сл. Во согласност со овој член од Конвенцијата, предвиден е и чл. 18 од нашиот Устав [„Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците“].

Законот за попис е во директен судир дури со три специјални закони кои задолжително се применуваат во услови на здравствена криза – со што ја загрозува правната сигурност на граѓаните и го подрива владеењето на правото

a) Во услови на криза, задолжително, безрезервно и императивно се применува посебниот Закон за управување со кризи (2005) во кој е предвидено дека „системот за управување со кризи се организира и остварува заради превенција, рано предупредување и справување со кризи кои претставуваат ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето предизвикани од природни непогоди и епидемии кои директно го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на РМ или дел од неа, а за кои не постојат услови за прогласување на воена или вонредна состојба“ [чл. 1, ст. 2 од ЗУК]. Во услови на прогласена кризна состојба заради опасност по здравјето на луѓето од големи размери, се носи оспорениот Закон за попис, кој пак предвидува масовно присуство на попишувачите на терен (кои се околу 6.000–8.000 луѓе), директно во становите и куќите на граѓаните!? Со таквата активност предвидена со оспорениот закон непосредно се става во опасност не само ефикасноста на целокупниот систем за управување со кризи, воспоставен и веќе активиран со прогласената кризна состојба, туку и здравјето на луѓето! Следствено на тоа, свесно, злонамерно, сосем непотребно и со [пред]умисла се доведува во опасност здравјето и на попишувачот и на граѓанинот во чијшто дом во моментот се спроведува пописот.

Оспорениот закон е во целосна спротивност со мерките и препораките на здравствените власти за држење социјална дистанца, а кои произлегуваат од новонастанатата прогласена пандемија од коронавирусот Ковид-19 на планетарно ниво, од страна на Светската здравствена организација (СЗО)! Владата на РМ, на 20 ноември 2020 година, донесе Одлука бр. 44-11138/1 за постоење на кризна состојба на територијата на Република Македонија (Сл. весник на РМ бр. 277/2020). Таа кризна состојба е сè уште во сила бидејќи Собранието на РМ – на пленарната седница одржана на 16 декември 2020 – истата ја пролонгираше со нова Одлука бр. 08-4521/1 за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Македонија заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од СЗО од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението (Сл. весник на РМ бр. 299/2020) и истата ќе трае најмалку до 30 јуни 2021 год.!!!

Според Главата I од цитираниот ЗУК, под ризици и опасности се подразбираат и „епидемии на карантински и други заразни заболувања кај луѓето и животните“ [чл. 3, ст. 1, ал. 2]; криза е појава со која се загрозени основните вредности, трајните и виталните интереси и цели на државата, односно се загрозени уставниот поредок и безбедноста на Републиката [чл. 3, ст. 1, ал. 4]; кризна состојба е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција и/или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси [чл. 3, ст. 1, ал. 5]; а превенција е збир на планирани, организирани и институционално водени активности насочени кон намалување или целосно избегнување на неповолните влијанија од ризиците и опасностите и со нив поврзаните несреќи, катастрофи, кризи и кризни состојби [чл. 3, ст. 1, ал. 6 од ЗУК]. Оттука, гледаме дека духот и словото на овој важен закон е да ја нормализира и сузбие, а не да ја разгори кризната состојба, со појава на евентуални можни нови кластери, како извор и жаришта на заразата од коронавирусот, кој на територијата на РМ се јавува во над 20 потврдени мутации!

б) Друг суштински битен закон на кој му контрира оспорениов Закон за попис е Законот за заштита на населението од заразни болести (2004), како lex specialis, со кој детално се уредуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести [чл. 1]. Според овој закон, заразна болест е заболување предизвикано од биолошки агенс (бактерии, вируси, паразити, габи) или нивни токсини, кое може на директен или индиректен начин да се пренесе на луѓето [чл. 2, ст. 1, ал. 1]; епидемија е пораст на заболувања од одредена заразна болест кој, по време и место, го надминува вообичаениот број на случаи во претходниот период, како и невообичаено зголемување на бројот на заболените со компликации или смртен исход, појава на две или повеќе меѓусебно поврзани заболувања од заразна болест која никогаш или повеќе години не се појавила на едно подрачје, или појава на поголем број заболувања од непознат причинител што ги следи фебрилна состојба [чл. 2, ст. 1, ал. 4]; заразено подрачје е подрачје каде постојат еден или повеќе извори на зараза и во кое постојат услови за ширење на заразата [чл. 2, ст. 1, ал. 11]; азагрозено подрачје е подрачјето каде може да се пренесе заразна болест од заразено подрачје и каде постојат услови за ширење [чл. 2, ст. 1, ал. 12 од ЗЗНЗБ].

Дополнително, според одредбите на овој закон, органите на државната управа, органите на општините и градот Скопје, здравствените установи и другите правни и физички лица – како што впрочем е и Државниот завод за статистика – се должни, во рамките на своите надлежности, права и обврски „да соработуваат и да разменуваат информации за спроведувањето на мерките за спречување на појавата, раното откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите пропишани со овој закон“ [чл. 3]. Дополнително, законот екплицитно пропишува дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување [чл. 4]; како и тоа дека заштитата од заразни болести се остварува преку планирање, организирање, постојано следење на епидемиолошката состојба и спроведување на мерките пропишани со овој закон, како и на надзор и контрола над спроведените мерки [чл. 5]; и, конечно, дека спроведувањето на мерките за заштита од заразните болести имаат приоритет во однос на спроведувањето на другите мерки за здравствена заштита, како и во однос на обезбедувањето на материјални и други средства [чл. 6]; а времените мерки за зпречување и сузбивање на COVID-19 траат сè додека постои опасност од ширењето на епидемијата [чл. 28, ст. 7 од ЗЗНЗБ] – под инспекциски надзор на надлежниот Државен санитарен и здравствен инспекторат.

в) Конечно, трет специјален закон кој мора да го споменеме е Законот за заштита и спасување (2004) кој дефинира дека заштитата и спасувањето е работа од јавен интерес за Републиката [чл. 4, ст. 1]; a епидемии, епизоотии и епифитотии се заразни болести кои доведуваат до интензивни и масовни појави на одредени заболувања кај луѓето, животните и растенијата [чл. 2, ст. 1, ал. 3]. Процена на загрозеност е квалитативна и квантитативна анализа на податоците за рано превентирање, можни ризици и опасности за настанување на природни непогоди и други несреќи, со предвидување на можни последици од истите, предложен степен на заштита од опасностите и предлог за превентивни и други мерки за заштита и спасување [чл. 2, ст. 1, ал. 22]. Заштитата и спасувањето претставува, поврзан процес за планирање, програмирање, организирање, раководење, командување, координирање, спроведување, финансирање и надзор за навремена и ефикасна превенција, како и подготвување, дејствување и отстранување на причините и последиците од природни непогоди и други несреќи [чл. 3, ст. 2]. Заштитата и спасувањето во Републиката ги организираат и спроведуваат државните органи, органите на државната управа, органите на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, јавните установи и служби, трговски друштва, здруженија на граѓани, граѓаните и силите за заштита и спасување – на начин уреден со овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон, како и со нормативите, стандардите и правилата на техничката практика [чл. 4, ст. 2]. Самозаштита претставува форма на активност на граѓаните за спречување на настанувањето или за ублажување на последиците од природните непогоди и други несреќи кои можат да влијаат на нивното здравје и живот [чл. 117 од ЗЗС].

Заштитата и спасувањето во Републиката се засновува на следниве основни начела: (1) секој има право на заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи; (2) во заштитата и спасувањето од природни непогоди и други несреќи приоритет имаат животот и здравјето на луѓето; (3) при настанување на природни непогоди и други несреќи секој е должен да помага во рамките на своите можности; (4) Републиката, општините и градот Скопје, јавните претпријатија, установи и служби и трговските друштва се должни навремено да ги организираат и преземаат превентивните и оперетивните мерки за заштита; (5) секое физичко и правно лице, во согласност со закон, одговара за неспроведување на предвидените мерки за заштита; (6) при ангажирањето на силите за заштита и спасување се употребува моделот на постапност, при што најпрвин реагираат силите на сопственикот, потоа општините и градот Скопје, Републиката и меѓународната заедница; и (7) податоците за опасностите и преземените активности за заштита и спасување, од страна на надлежните органи и служби, се јавни и мора транспарентно да се објават [чл. 6 од ЗЗС]!

* * *

Поради сè што е наведено претходно, сметаме дека овој антиконституционален закон, кој целосно ја игнорира и комплетно ја дерогира веќе прогласената кризна состојба во која моментално се наоѓаме, е инкомпатибилен со нашиот демократски уставен поредок, при што истиот треба што побрзо да биде касиран (укинат или поништен) и веќе да не постои во нашиот правен систем – како мошне проблематичан, еклатантно противуставен и без соодветен референтен компаративен преседан.

Автор: проф. д-р. Димитар Апасиев, претседател на Левица

Текстот е превземен од електронското гласило antropol.mk

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ