Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Додека владејачкото мнозинство свесно и плански ја води државата кон дезинтеграција, директорот на ДЗС повторно се заканува со затворски казни

РЕАКЦИЈА ДО ЈАВНОСТ

Откако група програмери укажаа на низа пропусти и недостатоци на апликацијата за попис на дијаспората, кој започна на 1 март, првиот човек на Државниот завод за статистика (ДЗС), наместо сериозно да се зафати со решавање на недостатоците на системот, тој повторно во стилот на власта, им се закани на граѓаните со затворски казни. Зачудува фактот дека секогаш кога ќе се откријат недоследности за и околу пописот, Апостол Симовски прибегнува кон член 49 од истиот закон, притоа толкувајќи го на начин, како нему му одговара.

Со оглед на фактот дека овој член навистина предвидува тригодишни затворски казни, но за секој оној кој што ќе уништи, прикрие, оштети, или на друг начин ќе стори да бидат неупотребувани внесените податоци во пописната апликација, нејасно е во кој контекст овој член од законот може да биде искористен против некој што успеал да ги открие и притоа укажал на слабостите и недостатоците на апликацијата!?

При постоење на  сознанија за вакви сериозни недостатоци, каде граѓани во Републиката можат да се попишат како дијаспора, се поставува прашањето уште какви се’ други недостатоци има апликацијата за попис и какви се’ злоупотреби можат да се случат на податоците внесени во неа. Вчера во јавноста излезе информација дека програмери предупредуваат на други пропусти, како на пример дека, дури да внесете 13 нули во полето за матичен број, системот ќе ви овозможи пристап за попишување, бидејќи апликацијата не проверува валидност на матични броеви!

Аматеризмот во изведувањето на најзначајната статистичка операција се гледа и во тоа што, за попишување на населението надвор од границите по електронски пат, работата е доверена на бугарска компанија Скејлфокус, и тоа како донација. Притоа ова е направено без организиран тендер со јасно дефинирани критериуми кои ќе ја гарантираат безбедноста на процесот, власта „штеди” на спроведувањето на пописот со што дополнително го делегитимира целиот процес.

Потсетуваме дека овој Закон за попис, Левица го оспори пред Уставен суд поради неколку причини: прво поради тоа што спроведувањето попис во време на пандемија е сулудно, особено во состојба кога Владата нема набавено ниту една единствена вакцина. Понатаму, овој Закон е спротивен на задолжителните норми на меѓународното право и на стандардите на Еуростат – тој нема законски дефиниции, нема утврдена методологија, нема образец на прашалник, нема резидентно население. Исто така Законот ја повредува приватноста, тајноста и сигурноста на личните податоци и воедно предупредуваме дека резултатите од ваквиот попис ќе бидат груб фалсификат и истите ќе бидат искористени единствено во служба на легитимирање на дополнителните политики кои власта ги планира, а со кои системски и намерно државата се води кон дезинтеграција!

Апелираме до Власта, пописот да биде итно прекинат и истиот, со нов закон, кој ќе ги има предвид задолжителните норми на меѓународното право како и стандардите на Еуростат, да биде спроведен после подобрувањето на состојбата со пандемијата.

Најнови објави