Кочовски: Левица бара воведување на пресметка на Средна плата наместо просечна, за да се видат реалните плати на работниците

Една од мерките во програмата на Левица од изборите 2020

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

 

Изјава на координаторот на Трудовиот сектор на Левица, Бобан Кочовски за порталот rabotnik.com.mk

Трудовиот сектор при Левица денеска со фејбук статус реагираше дека деновиве голем дел од функционерите на власта пласираат лажна вест дека платите во Република Македонија се во пораст и дека стандардот се подобрува, коритејќи ја како „доказ“ просечната платa.

„Деновиве голем дел од функционерите од редовите на оваа власт пласираат лажна вест дека платите во Република Македонија се во пораст и дека стандардот се подобрува, при што како ‘доказ’ ја користат просечната плата.

Имено, просечната плата не ја доловува вистинската слика за платите кои што ги добиваат работниците, туку е само просек од она што го добиваат најсиромашните работници, наспрема приходите на најбогатите. Ова е класична манипулација која што се случува години наназад и овој тренд мора да запре!

Затоа, Левица како работничка партија се залага за воведување на пресметка на СРЕДНА ПЛАТА, со што ќе се стави крај на извртувањето на фактите на пазарот на труд и ќе се прикаже екстремната класна разлика помеѓу граѓаните“, стои во фејсбук статусот на Трудовиот сектор на Левица.

Порталот Работник се обрати до координаторот на Трудовиот сектор на Левица Бобан Кочовски за да дознае повеќе околу нивното барање за воведување на пресметка на „Средна плата“.

Кочовски за порталот Работник рече дека моменталното “зголемување“ на просечната плата кое што триумфалистички е презентирано од вицепремиерот Битиќи поради наводно водење на добри политики од страна на Владата не е ништо друго туку обид за себепромоција и добивање на ефтини политички поени на грбот на народот.

„Многу добро знаеме дека голем удел во последниот “пораст“ на просечната плата се отказите кои што беа доделени на десетици илјади работници кои што добиваа ниски плати, со што статистички се подобри вкупниот просек за кој Владата и нејзините апологети толку многу се гордеат“, вели Кочовски. 

118159911 3504518712939439 5283977451084285042 n 1
Бобан Кочовски, координатор на Трудов сектор – Левица

Според него, поради тоа е потребно воведување на пресметка на Средна плата, метод на пресметување на платите кој што е дијаметрално различен од пресметката на просечната плата,со што би се отстраниле сите потенцијални манипулации кои што се вршат од страна на функционерите и државните органи.

Со воведувањето на пресметката на средна плата ќе се добие реалната слика за тоа колку навистина добиваат работниците во Република Македонија, со што ќе се добие правилна насока на делување и подобрување на условите за работниците, за разлика од досегашното создавање на илузија во која што платите “растат“ а условите за работа се “подобруваат“, вели Кочовски.

Тој појасни дека Средната плата во принцип претставува медијаната, односно поради тоа што висината на платите помеѓу работниците не е правилно распределена постои огромна разлика помеѓу најмалата и најголемата плата. Наједноставно кажано, вели тој, доколку би правеле споредба помеѓу 10 плати на работници, од најниската до највисоката, средната плата би била онаа која што ја добива лицето број 5, односно она што е на средината од спектарот на плати.

„По осамостојувањето на Република Македонија факт е дека работничките права, а воедно и вистинската вредност на платите на работниците е во опаѓање. Иако платите се зафатени од инфлација, сепак истото важи и за трошоците, со таа разлика што тие се зголемуваат далеку повеќе“, вели Кочовски и додава:

„Партиите кои што владееја со Република Македонија изминативе триесетина години умешно манипулираа преку презентирање на статистички голи бројки кои што се најдобар начин да се изврти вистината и да се прикаже нереална слика за фактичката состојба на терен. Тие применуваа (и сеуште применуваат!) принцип на пресметка на просечна плата, метод кој што дава просек од најниските и највисоките плати кои што ги добиваат работниците, во држава во која постои огромна класна разлика. Согласно ова, знаеме дека грото од работниците кај нас добиваат минимална плата или плата приближна на минималната, а мал дел од народот добива екстремно големи плати ( дел поради злоупотребата на менаџерските договори, дел поради други фактори) , па доаѓаме во ситуација каде што просечната плата што се презентира од страна на државните функционери е неколку пати повисока од реалната која што ја добиваат работниците секој месец“, подвлече Кочовски.

Имено, во декември, просечната плата изнесува 28,294 денари.

Синдикатите и бизнис секторот се согласуваат дека растот на просечната плата се должи на тоа што поголемиот дел од работниците коишто ги изгубиле работните места работеле на минимална плата, па поради тоа просечната плата вештачки се зголемува. Експертите очекуваат дека во 2021 година, просечната плата ќе расте, но не со темпото од 2020 година.

Новинар: Бобан Илијевски

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ