Хактан: Надетничко соединување во СДСМ нема

Реџеп Исмаил Хактан

Надетничко соединување во СДСМ нема, вели во изјава за Слободен печат, Реџеп Исмаил – Хактан, член на Президиумот на Левица и носител на листата на оваа партија во Избраната единица два на последниве парламентарни Избори. Тој, нагласува дека таков вид соединување е можно – и согласно тоа би било релевантно – само доколку тоа се случи на политичка платформа која не спроведува етнички агенди.


-Според досегашната политичката практика на владата предводена од СДСМ, тоа не е случај, баш напротив… Инаку во СДСМ единствено постои, и опстојува, клиенталистичко единство, и албанците во СДСМ служат само како декор за релативизирање на таквиот клиентализам, како и за прикривање на политикантскиот пазар кој партијата го прави само за да остане на власт – изјави  Исмаил за Слободен печат.

За разлика од СДСМ, тој потенцира дека Левица не ги селектира членовите по нивната етничка припадност, бидејќи, додава тој, тоа го прави самиот државен апарат и политички систем во целост.

-Ова е директна спротивсност на концептот на граѓанското општество, со кој толку многу наоколу мафтаат од владејачката партија СДСМ. И оттука се гледа нивната идеолошка шизофренија; од една страна промовираат граѓанско општество, а од друга, не само што не го менуваат политичкиот систем кој прави етнички поделби, туку и го унапредуваат, па дури и со одлуката за субвенционирање на приватни компании кои ќе вработуваат по етнички клуч, тие сакаат да го прелеат во приватниот сектор- оценува Реџеп Исмаил – Хактан, член на Президиумот на Левица.

Дестан Јонузи


Интервјуто изворно прочитајте го на следниов линк.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ