Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Левица со два амандмани бара одложување на пописот за 2022 и итно прекинување на пописот на дијаспората

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТ

Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, денес 1 април, 2021 година, до претседателот на Собранието на Република Македонија (РМ), поднесоа два амандмани на Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година, којшто по скратена постапка беше поднесен од Владата на РМ, со цел пролонгирање на Пописот за месец септември.

Првиот амандман се однесува на Член 1, став (1), со кој се бара промена на зборовите „од 5 до 30 септември 2021 година“ со зборовите „1 до 21 април 2022 година“. Ова, имено беше и првичното барање на Левица откако ја започна својата кампања „Не отворам врата“. Амандманот го предлагаме со цел заштита на јавното здравје, предвидено како уставна должност на секој граѓанин, почитување на нормативната хиерархија и владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а во насока на почитување на препораките на Обединетите Нации – Департментот за статистика на ООН и Популациониот фонд на ОН.

Другиот амандман се однесува на Член 2 од Законот, којшто предлагаме да се замени со Членот: „(1) Со денот на влегување во сила на овој закон, престанува самопопишувањето на лицата – државјани на РМ, кои се на привремена работа, или престој во странство“; (2) Државниот завод за статистика е должен да ја отстрани од својот веб сајт апликацијата за самопопишување на дијаспората“. Овој амандман го предлагаме со цел воедначување на применетата Методологија со препораките на Обединетите Нации и ЕУРОСТАТ.

Потсетуваме дека, Левица и понатаму ќе работи во полза на промена на целата нерегуларна и несоодветна методологија во Законот, којашто не е по ниту еден меѓународен стандард, туку само по стандардите на коалициониот партнер на СДСМ – ДУИ.

Како што соопштивме во нашето претходно соопштение денес, доколку не се донесе нов закон по сите меѓународни стандарди и со консензус на сите парламентарни партии, продолжуваме со нашата кампања, која е поддржана од народот.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
1 април, 2021

Најнови објави