Зградата на главната пошта е еден од седумте најзагрозени споменици во Европа за 2021 година

ПОШТА СКОПЈЕ БРУТАЛИЗАМ АРХИТЕКТИРА СПОМЕНИК

Безидејноста на власта се наѕира на секој чекор. Не само што не е способна да го зачува она кое веќе е изградено, туку дополнително придонесува кон интензивното доуништивање на секое значајно идентитетско и културно обележје во Македонија. Слично како и во случајот со Охрид, кој се најде на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност и е на пат да го загуби статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО, така и зградата на Главната Пошта во центарот на Скопје се најде на листата на најзагрозени споменици и локалитети во Европа за 2021 година! 

Eвропа Ностра – Европскиот глас на граѓанското опшество посветено на културното и природно наследство и неговата партнерска организација, Институт на Европска Инвестициoна Банка, вчера ја објавија листата на седум најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021, меѓу кои е и Македонија со зградата на Поштата во Скопје. Покрај Поштата, на листата се уште 6 споменици и локалитети на културно наследство во Австрија, Хрватска, Грција, Италија, Косово и Шпанија. Целта на оваа листа на 7-те најзагрозени за 2021 година е да алармира за сериозната закана со која се соочуваат овие локалитети – важни сведоштва за заедничкото минато, меморија и идентитет, чиј борд ја направил селекцијата за оваа година.

Зградата на Пошта, односно Шалтер салата, изгоре во сомнителен пожар во 2013 година, додека беше под владение на ДУИ, а случајот никогаш не беше расчистен целосно. Во пожарот настрадаа куполите и монументалните мурали на Борко Лазески кои беа целосно уништени или претрпеа сериозни оштетувања, а она што остана беше оставено на забот на времето дополнително да пропадне. Бидејќи зградата сè уште е без покрив, а власта не покажа никаков интерес да преземе било што досега, се уште е директно изложена на атмосферски влијанија, врнежи од дожд и снег, кои продираат во целата нејзина внатрешност. Па, наместо да се реконструира и заштити, ова културно наследство, е оставено да пропадне. 

Зградата на Главната Пошта во центарот на Скопје, во форма на цвет на лотос, е еден од познаменитите примери на бруталистичката архитектура со која изобилува Скопје, а е дело на ахтитектот Јанко Константинов. Oваа зграда привлекува внимание и кај интернационалната архитектонска јавност, а нејзинатра макета дури е изложена и во Музејот на модерната уметност во Њујорк (МОМА), во рамки на изложбата „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980“, која се однесува на бруталистичката архитектура во поранешна Југославија. 

Има ли власта намера да придонесе кон зачувување на историските и културни обележја или ќе продолжиме да го читаме името Македонија на некакви си топ листи со негативен предзнак? 

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – СЕКТОР КУЛТУРА
12 април, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ