Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Загрозена и неизвесна иднината на илјадници вработени во Дрекселмаер од Тиквешијата и пошироко

Левица, по анонимни дојави од повеќемина поранешни и сегашни вработени во фабриката Дрекслермаер, лоцирана близу Кавадарци (ДММ), дојде до сознанија дека, во оваа компанија бројот на вработени во изминатиот период од околу една година е драстично намален – за околу 1000 луѓе. Односно, од поранешни околу 6000 вработени, сега се останати околу 5000, а овој тренд на намалување на вработените и понатаму продолжува со дополнителни отпуштања и непродолжување на договори за вработување на определено време.

Оваа странска компанија, откако ги искористи државните бенефиции во првите години од своето работење (милиони евра субвенции од државни/народни пари) и евтината работна сила, сега ги отфрла луѓето како искористена роба и тоа сред светска пандемија и здравствено-економска криза.

Повеќемина поранешни вработени, од лично искуство се имаат пожалено кај нас како политичка партија, дека отпуштањата ги прават на крајно нехуман и некоректен начин. Имено, последниот час од последниот работен ден од нивните договори за вработување луѓето биле повикувани на разговор во оддел човечки ресурси и им било соопштувано – од утре да не доаѓаат, дека не им се продолжува договорот.

Дополнително ни пристигаат информации дека носечкиот проект во ДММ “Ц класа W205, GLC253“ е во план да се заврши до крајот на оваа 2021 година, а по завршувањето на тој проект бројот на вработени во наредната година ќе се намали за дополнителни 2000-3000.

Владата или општинските органи наместо да застанат на страна на работниците, си прават ПИ-АР кампања за наводни инвестиции и отворање на нов погон. Сето ова, додека до нас секојдневно пристигаат информации дека во оваа компанија често не се почитува Законот за работни односи на Република Македонија. Има доста вработени, кои биле повеќе од цели 5 години во непрекинат работен однос, но се’ уште немале добиено договор на неопределено и во Заводот за вработување се’ уште се водат со договор на определено. Од друга страна пак, на голем дел од вработените не им било дозволено да користат годишен одмор во непрекинато траење од најмалку 2 недели во текот на претходните години пред пандемијата.

Левица, како партија која стреми кон класно освестување на работникот, будно ги следи овие чинови на злоупотреба и угнетување на работничките права. Во име на вработените во компанијата и нивните семејства, бараме итни одговори по овие прашања и преземање одговорност, како и решавање на нерегуларностите од страна на раководството на компанијата. Во спротивно нашиот правен тим ќе ги преземе сите можни ресурси за правно постапување по истите.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО КАВАДАРЦИ
21 април, 2021

Најнови објави