Левица поднесе Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор за несоодветна и инвазивна експлоатација на суровини

Левица Зелен Сектор Државен Инспекторат

По пријава на жители од околината на Тетово за несоодветна и инвазивна експлоатација на суровини, Левица поднесе Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор до Државен инспекторат за техничка инспекција.

Согласно добиените информации од месното население, концесионерот не презема навремени мерки за безбедноста на граѓаните, поради што жителите трпат штета по нивното здравје и нивните имоти. Дополнително, постојат индиции дека концесионерот експлоатацијата ја врши надвор од експлоатационото поле дефинирано со главниот рударски проект, што има директни негативни импликации по животната средина и здравјето на населението.

Концептот на експлоатација од страна на приватни субјекти преку концесии, според последните истражувања е неефикасен и нерационален за државата. Во 2019 година, државата наплатила само 8 милиони денари од издадените концесии за минерални суровини, на сметка на енормните профити на приватните субјекти преку експлоатација на природните богатства.

Дополнително, бројни се примерите каде локалното население постојано реагира на агресивната експлоатација, без соодветна заштита и протоколи, со што се загадува воздухот и неповратно се уништува животната средина. Неажурност на инспекциските служби и неказнивост, лабава законска регулатива во корист на приватниот бизнис, ниски надоместоци за експлоатација, како и енормно долги рокови на концесии, се само дел од проблемот преку кој се деградираат природните ограничени ресурси, кои неодржливо и нерационално се експлоатираат.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЗЕЛЕН СЕКТОР
5 мај, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ