Инспекторите и судовите замижуваат пред незаконски унапредувања во апелационите судови

Левица Правен сектор

По добиените записници за извршен вонреден инспекциски надзор, во врска со спроведеното унапредување на судските службеници во Апелационите судови во Битола и Скопје, во кои се констатира дека:
(1)постапките за унапредување биле „генерално спроведени врз основа на закон“,

(2)„по основ последно оценување на судските службеници, од страна на Комисиите не е извршено бодирање за ниеден кандидат заради, како е изјавено од присутното лице при надзорот, обезбедување на еднаков и фер однос кон сите кандидати“, го истакнуваме следното:

1. Во член 39 став 5 од Законот за судска служба е уредено кои услови треба да ги исполнува судскиот службеник, за да може да се јави на интерен оглас во судот каде работи и тоа:
– ДА Е ОЦЕНЕТ СО ОЦЕНА „ОСОБЕНО СЕ ИСТАКНУВА“ ИЛИ „СЕ ИСТАКНУВА“ ПРИ ПОСЛЕДНОТО ОЦЕНУВАЊЕ;
– да е на работно место на непосредно пониско ниво или да е на работно место во рамки на истата категорија во која е работното место за кое е објавен интерниот оглас;
– да поминал најмалку две години на работното место на кое е распореден и
– да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавување на интерниот оглас.

2. Ниеден од пријавените кандидати – судски службеници не е оценет со оцена „особено се истакнува“ или „се истакнува“ при последното оценување (што согласно законот се бара како еден од условите за кандидатите кои се пријавиле на интерниот оглас), од проста причина што воопшто немало оценување на судски службеници изминатите пет години, затоа што не бил донесен Правилник за оценување од страна на Министерот за правда.

3. Спроведувањето на постапките за унапредување се постапки чиишто фази се детално уредени со Законот за судска служба, што значи дека истите морале да бидат ЦЕЛОСНО ЗАКОНСКИ СПРОВЕДЕНИ, избраниот кандидат да ги исполнува сите законски предвидени услови, А НЕ „ГЕНЕРАЛНО“, како што впрочем наведуваат од инспекторатот. Ако и еден дел од постапката не е согласно законот, без разлика дали останатите фази се согласно законот, целокупната постапка е НЕЗАКОНСКА.

4. Втората констатација на Инспекторатот за труд, директно значи признавање од страна на инспекторатот дека не е спроведена една фаза од постапката за унапредување, која е предвидена во законот. Неспроведувањето на таа фаза го прави целиот процес на унапредување незаконски, односно таквата постапка треба да се прекине и не смее да предизивикува понатамошни правни дејствија.

Знаејќи го ваквиот факт, предментните судови не смееја да распишуваат интерни огласи, истите требаше да почекаат една година да се изврши оценување на судските службеници, согласно новодонесениот Правилник за оценување, па по неговото донесување да распишат интерни огласи.

Поради тоа, основано се сомневаме и бараме одговор, дали ваквата одлука за распишување на интерни огласи од страна на судовите укажува дека истите беа избрзано и незаконски спроведени со единствена намера – да се задоволат роднински и партиски кадри на владеачката гарнитура?

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ПРАВЕН СЕКТОР
14 мај, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ