Кочански началник со викендичка во заштитената Осоговија спремен да го дочека Законот за легализација на дивоградби

Кочани началник викендица дивоградба

РЕАКЦИЈА ДО ЈАВНОСТ

По долги години заложби, Осоговијата беше прогласена за заштитено подрачје со петти степен на заштита. Но, само на хартија, на терен е многу поинаку. Се гради каде, од кого и како ќе се стигне! Планините лелекаат под товарот на бесправното градење. Престапниците тријат раце во исчекување на Законот за легализација на дивоградби кој, судејќи по интензитетот на градба, очигледно им е ветен.

Општина Кочани е соучесник во криминалот со самото тоа што ниту има донесено урбанистички планови за најголем број од селата во тој реон, ниту пак успева да врши соодветен инспекциски надзор, согласно надлежностите што ги има.

Најјасен индикатор дека рибата смрди од главата е фактот што токму оние кои би требало да го спречуваат, го промовираат нелегалното градење. Имено, последната година на земјоделско, а не на градежно земјиште, во атарот на село Пантелеј, како печурка по дожд има изникнато пространа двокатна куќа, сопственост на брачниот пар Шахинови – сопругот началник во полиција именуван од актуелната власт и сопругата пресно вработена во општина Кочани, корисник на секоја можна субвенција што ја доделува општината.

Дали споменатите пулени на власта со нивната дивоградба во заштитено подрачје се дел од педесетте илјади семејства кои наводно ќе останат без покрив над глава, како што се правдаше премиерот Заев кога беше прозиван во врска со скандалозниот Закон за легализација на дивоизградени објекти!?

Шминкерските зафати и позерскиот популизам не се доволни да се покаже свесно и совесно работење, насочено во полза на граѓаните. Очигледно е дека зад ситните зафати низ градот се тркалаат крупни, засега нелегални профитерски интереси во планината.

Колкумина вакви „бездомници“ се во очекување да биде донесен скандалозниот закон!?
Левица остро се спротиставува на ваквата пракса и на очигледните, непосредни штети кои, уште неизгласан, ги предизвикува криминалниот закон за легализација на дивоградби. Нашите пратеници ќе побараат негово целосно повлекување, затоа што единствена цел му е да ги легализира криминалите на поединци блиски до власта!

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО КОЧАНИ
26 мај, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ