Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

(Видео) Димитар Апасиев за повлекување на Законот за легализација на дивоградби

Почитуван претседателе, моето процедурално обраќање е во врска со Член 173 став 2 од Деловникот. Вие само просто нè известивте дека Владата го повлекла Законот за бесправна легализација на бесправно изградени објекти.

Имено, според членот на кој се повикувам, ако Претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување, Собранието го разгледува повторно на трето читање во рок од 30 дена. Мојата дилема се однесува и е во врска со членот 38 – став 3 од Законот за Собрание, кој е сличен на оној што го прочитав.

Значи членот 38, став 3 вели „Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот, Собранието повторно го разгледува законот во рок од 30 дена”. А, ова во врска со членот 75 од Уставот, став 3, кој вели дека „собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот”

Мојата дилема – правна која се раѓа е: Врз основа на Уставот, Владата е овластен предлагач на законот, но како што вие умесно сте забележале, предложениот дневен ред, во точка 3, ако не се лажам, таму не стои предлог-закон, бидејќи не е предлог закон, затоа што Собранието веќе го изгласало, туку тој е закон, односно ветиран закон. Тоа значи закон кој е потпишан од вас, а не е потпишан од шефот на државата.

Дилемата која ми се раѓа е: Како може Владата да повлече закон? Имено, Владата како овластен предлагач по сила на Устав, може да повлече само предлог-закон, а не и закон. После гласањето на тој Закон за легализација на дивоградби, кој вие здружно си го гласавте, и ДУИ и СДС и ВМРО-ДПМНЕ, веќе Владата е небитен играч во случајот, затоа што тоа е закон. И оттука, односот е “интерпартес” помеѓу Собранието и Претседателот.

Дилемата ми е, од каде вие како претседател, односно Владата како предлагач го црпи нејзиното право да повлече закон, а не предлог-закон? Тој закон треба да биде ставен на повторно разгледување и во таков случај, доколку вие имате политички договор, тој закон да не го добие потребното мнозинство.

Би сакал појаснување, од каде го црпите легитимитетот да го тргнете од дневен ред нешто што Уставот ве обврзува да го ставите на дневен ред?

 

 

Најнови објави