Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

Кога со ЕУ ништо не оди, урлај САД и НАТО

Пендаровски на панел дискусијата на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Македонија“ рече:

„Што ако спорот со Бугарија се оддолжи со години? Можеби не 25, како со Грција, но ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме добри вести од Брисел. Во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато имаме две опции, да ја донесеме Европа дома и второ, според мене треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година. Во договорот со Вашингтон има барем четири-пет области во кои би можеле конкретно да влеземе во соработка со САД. За ова најверојатно наскоро ќе имаме средби на ниво на државно раководство. Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи“.

„Не е европски критериум дали во илјада осумсто и некоја тој и тој бил Бугарин или Македонец. Ние не можеме како политичари во 2021 да разговараме за историски теми и не може разговорите за историјата да бидат критериум за влез во Европска Унија, која е создадена во 1957 година. Ние може да разговараме за цар Самоил од пред десет века, но тоа не може да биде критериум за влез во ЕУ. Клучниот проблем на ЕУ е носењето на одлуки со консензус. Без измени на тоа, Унијата не може да биде клучен геополитички играч. Тоа доведува и до пораст на евроскептицизмот во регионот на Западен Балкан и во Северна Македонија, но и во самата ЕУ, што е поразително“, рече Пендаровски.

Од ваквата изјава можат да се донесат повеќе заклучоци:

1. Постои страв од тоа дека овој спор ќе се развлече со години, и дека од неговото предизборно ветување за деблокирање на eвро-интеграциите нема ништо.

2. Моментално затекнатата состојбане смее да не изненади дека и покрај променат на името „за влез во ЕУ“ со овој спор можеме да се влечкаме уште 25 години. А секако треба да се има и во предвид дека преговорите доколку би отпочнале тие ке траат најмалку една декада – за споредба, Хрватска преговараше дури 6 години.

3. Третиот забележителен момент од изјавата е дека „проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато“ – порака што значи дека во овој момент нема никакво решение за овој проблем.
4. Протокот на идејата „наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година“ е само очаен обид за симулирање алтернатива и јасен показател за безидејноста во водењето долгорочна надворешна политика.

5. Владејачката елита е толку немоќна и изиграна од соседите, добрососедските договори и ЕУ, што интеграцијата ќе ја бара исклучително преку измеќарство кон вазалите од САД, со очекување за возврат тие да направат притисок за членство на Македонија во ЕУ, како што беше случај за интеграцијата во воената алијанса. Имајќи во предвид дека членството на Македонија во НАТО беше од исклучителен интерес за САД, за разлика од членството во ЕУ, нема да биде изненадување ако не добијат поддршка каква што очекуваат, а видовме дека и Бугарија не е држава без никаков суверенитет и нејзе не може да и се наметне никаков притисок од надвор како што тоа редовно е случај со Македонија.

6. Потенцирањето дека „Ова не значи откажување од европските интеграции“ укажува на веројатноста за продолжување на коленичењето во Брисел. Најавата дека „со Бугарија, мора да бараме алтернативи“ не исклучува продолжување на распродавањето на националните вредности во замена за некаква си интеграција, без разлика што досегашното искуство го покажа спротивното.

7. Делот во кој зборува за историскиот контекст од барањата на Бугарија и интеграциониот процес, укажува само на тоа колку наивно беше „изиграна“ политичката елита која ги потпишуваше договорите за добрососедство. За сега тезата, која посочуваше дека договорите за добрососедство ќе отворат низа на нови проблеми и дополнително ќе го усложнат интеграциониот процес да биде целосно во право

8. Пендаровски во еден момент го критикува системот на ЕУ, смета дека донесувањето на вакви одлуки со консензус треба да биде променето, укажувајќи дека ова ја прави Унијата неефективна. Веројатно е свесен дека е потребен консензус за да се промени правилото за „консензус“.

9. Вината за зголемувањето на евроскептицизмот ја гледа исклучително во одлуките на ЕУ, заборавајќи на својата улога во сето ова. Тој целосно заборава на своите лажни ветувања и изјави, поврзани со ЕУ, дадени за време на изборната кампања и кампањата за промена на името, кои силно влијаат врз развојот на евроскептицизмот во државата.

10. А секако, не е јасно и зошто таквиот (скептичен и критички) пристап кон преговорите за пристап кон било која унија па и европската е за осуда!?

11. И, да, како тоа „прекрасната“ ЕУ, наеднаш покажа толку многу слабости?!?

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – СЕКТОР ЗА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА И БЕЗБЕДНОСТ
24 јуни, 2021

Најнови објави