ЗРО единствено ги штити газдите – после случајот со Штипска „Баргала“, кршење на работнички права и во „Мода“ и „Камотекс“ во Св. Николе

барзов-димитров

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

РЕАКЦИЈА ДО ЈАВНОСТ

Само неколку дена откако стотина работници од штипска фабрика „Баргала“ добија отказ и останаа без егзистенција,  слична судбина дочекаа уште околу педесетина текстилни работници од Свети Николе. И во првиот, и во вториот случај, работодавачите вршат класична злоупотреба на Законот за работни односи, кој им овозможува за овие злодела да ја заобиколат регулативата, без да сносат никаква одговорност.

Во првиот случај, моменталниот работодавач Наум Барзов, чиј татко ја приватизираше фабриката за време на владеењето на СДСМ во деведесетите, на работниците им соопштиле да не доаѓаат на работа додека не бидат повикани. За неколку дена подоцна, на истите стотина работници, да им врачат отказ, како што тие велат, согласно Законот за работни односи, затоа што три дена по ред не се појавиле на работа. Со ова, „газдите“ извршиле класична измама. Врв на иронијата претставува фактот што Наум Барзов, е претседател на Регионалната стопанска комора, со седиште во Штип, која поодамна има потпишано меморандум за соработка со Општина Штип, а од пред две години, ваков меморандум потпишаа со актуелниот градоначалник на Општина Свети Николе, Сашо Велковски.

Во вториот случај, работодавач е Ангел Димитров, познат по тоа што има нанесено многу штети на работниците во Македонија, преку својата Организација на работодавачи. Тој слично како Барзов, беше дел од приватизирањето на фирмата со која управува. На работниците кои работат години наназад во конфекцијата, не им било доделено решение за работен однос на неопределено работно време. Оваа легислативна слабост, Димитров ја користи за да ги избегне своите обврски кои произлегуваат од овој договор, па така, кога ќе реши да ги отпушти работниците, едноставно нема да им го продолжи договорот. Ваква судбина ги снајде 37 работници од конфекцијата „Мода“ и 15 од конфекцијата „Камотекс“, кадешто работниците стравуваат дека овој тренд ќе продолжи и во наредниот период. 

Во конфекцијата „Мода“, која некогаш броеше над илјада вработени, денес бројката не е ниту на пола. Патем, сите нејзините работници се синдикално организирани под „капата“ на ССМ, и секој месец одвојуваат дел од нивната плата за заштита на сопствените работнички права. Но, засега од ССМ нема официјална реакција, зошто е тоа така – останува нејасно.

Она што е јасно, е дека овие случаеви, се уште еден показател за неопходноста и итноста за промени во законската регулатива, која вака поставена, секогаш е на штета на работниците и ги штити единствено интересите на работодавачите.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
1 јули, 2021

 

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ