Левица – Ѓорче Петров: Дивите депонии – симболи на Општината Ѓорче Петров, а Ѓорчепетровци „зависници“ од токсичен воздух.

Ѓорче Петров Диви Депонии 2

Добро познатиот продорен мирис на запалена пластика и гума, денови наназад е каракеристика на амбиентниот воздух на жителите на Ѓорче Петров. Очигледно е дека надлежните институции, пред сѐ, локалните и градските власти, се доследни во своето непостапување и непреземањето на мерки за сузбивање на палењето на огнови на отворено. А се палат гуми, кабли, пластика, акумулатори и друг отпад „уредно“ складиран на бројните диви депонии.

Овие денови, жителите од Волково, Ново Село, Даме Груев, Кисела Јабука и Јурија се жалат на неподносливата миризба во ноќните и раните утрински часови предизвикана од палењето на дивите депонии. Ваквите депонии сами по себе се еколошка катастрофа, а нивното палење е директен атак врз здравјето на жителите на околните населени места. Ѓорчепетровци континуирано упатуваат апел за расчистување на депониите, но надлежните органи се однесуваат крајно неодговорно. Тие се потполно слепи и глуви во согледувањето и справувањето со овој еколошки проблем. Ваквата нивна пасивност предизвикува зачестеност во создавањето и палењето на диви депонии.

Евидентен е примерот со депонијата во Ново Село која деновиве, по кој знае кој пат, гореше ширејќи дим и неподнослив мирис во воздухот. Создавањето и палењето на оваа депонија властите ја толерираат години наназад. Надлежните органи во општинската и градска администрација, со скромните апели до граѓаните „да не фрлаат отпад на јавните површини“ или со поставувањето на табли испишани со сличен текст, воопшто не треба да мислат дека се амнестирани од одговорноста да се грижат за животната средина и здравјето на граѓаните. Напротив, тие треба да бидат свесни дека таквите „мерки“ воопшто не функционираат. Непреземањето на навремени, континуирани и ефикасни мерки за превенција и санкција, прекршителите ги прави похрабри и побројни, придонесувајќи притоа дивите депонии да станат симболи на општината, а жителите конзументи – „зависници“ од токсичен воздух.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
05 јули, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ