Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

На Ромите и жртвите на насилство им се нудат кампањи наместо функционални системски решенија

РЕАКЦИЈА ДО ЈАВНОСТ

Деновиве сме сведоци на засилена предизборна агенда на Министерството за труд и социјална политика, па не поминува ниту ден, а да не прочитаме со кого министерката Шахпаска остварила средба, или на кој состанок земала учество.

Во меѓувреме, не поминува ниту еден ден без да сведочиме на нефункционалноста на институциите и на неспособноста  на актуелната власт да испорача нивно функционално дејствување.

Последниот случај со убиството во Тетово, кога долгогодишна жртва на семејно насилство ја зела правдата во свои раце убивајќи го невенчаниот сопруг, откако претходно без резултати го пријавувала и барала помош, е морбидна илустрација за нефункционалноста на системот.

Не можеме, а да не се запрашаме како е можно жртва на семејно насилство со години да пријавува во полиција и во Центарот за социјални работи и да бара помош, а институциите чија што  цел е да им служат на граѓаните, да не преземат ништо да ги заштитат жртвите на семејно насилство.

За апсурдот да биде поголем, додека во пракса се случуваат настани како наведениот, министерката за труд и социјална политика Шахпаска, во манир на активист на некоја граѓанска организација, а не министер, промовира кампања  „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката“. 

Исто така, додека министерката имаше активно учество на министерски состанок за интеграција на Ромите во општеството, во Прилеп на триесетина Роми не им беше дозволен влез во градскиот базен, само поради тоа што биле Роми!

Оттука, не можеме, а да не се запрашаме дали министерката знае дека е на чело на државен орган, кој ги има сите механизми да ги спроведе и имплементира сите закони, конвенции и декларации како за забрана за дискриминација, така и за спречување на семејното насилство, или мисли дека е активист на невладина организација и нејзина работа е само да води кампањи за менување на свеста на граѓаните!?

Министерке, Вашата функција не е да парадирате и да кажувате празни флоскули. Нефункционалноста на системот во чиј врв стоите ги празни до гола лушпа сите кажани зборови затоа што ниту еден од тие зборови не е покриен со конкретни активности. 

Вашата задача како министер е да испорачате функционални институции, не систем во чиј лавиринт се губи секое право на граѓаните. 

На жените – жртви   на насилство, Ромите, лицата со попреченост и сите останати засегнати граѓани  ни најмалку не им се потребни говори, а законите се мртво слово доколку не заживеат низ соодветни механизми. Механизми кои треба да ги изградите и да обезбедите да функционираат. 

Залудни се заложбите на Владата за родова еднаквост кога не можете да гарантирате безбедност и заштита од семејно насилство. Наместо празни зборови и промашени кампањи, потребни се резултати.

Најпрвин обезбедете функционалност на институциите и нивна контрола, па потоа водете  кампањи за подигнување и менување на свеста на граѓаните.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ТРУДОВ СЕКТОР
5 јули, 2021

 

Најнови објави