Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го одобрија скандалозниот закон за градење автопат без тендер

РЕАКЦИЈА ДО ЈАВНОСТ

Во текот на вчерашниот ден, на Комисијата за финансирање и буџет, помина контроверзниот Предлог-закон, со кој се предвидува американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ да ги гради автопатите од Коридор 8 и 10 без тендер, со директна спогодба со Владата.

Власта планира граѓаните да ги задолжи за уште кредити, каде ексклузивитет добива компанија позната по високи цени, корупција и нетранспарентност, при што законот го носи во скратена постапка. Со оглед на тоа дека претседател на Комисијата за финансирање и буџет е пратеникот од опозицијата, Тимчо Муцунски, ваквата здружена зделка делува како уште едно задоволување на апетитите на таканаречените стратешки партнери и нивниот капитал. На самото потпишување на контроверзниот Меморандум помеѓу Владата и „Бехтел и Eнка“ пред неколку месеци присуствуваше и амбасадорката на САД, Кејт Брнз.

Американско-турскиот конзорциум го следат низа коруптивни скандали, како тој во Романија каде проектот траеше 10 години, проследен со одложувања, спорови, меѓусебни обвинувања за уцени и корупција. Финалниот резултат беше за добиени 64% од парите, „Бехтел и Енка“ реализира 12,5% од договорот.

Сепак, најдраматична е изградбата на автопатот за поврзување на Косово со Албанија, каде првичната цена од 300 милиони евра достигна висина од неверојатни 1.100.000 милиони евра! Очигледно, во овој случај се докажа премисата дека „која држава бомбардира, таа држава после ги добива договорите.“

Во македонскиот случај, дека се работи за еклатантен пример на висока корупција, покажува и делот каде е предвидено делумно или целосно да не важи домашното законодавство. Заедничкото одобрување од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на ваков скандалозен проект покажува дека за овие две партии, единствените црвени линии се интересите на странскиот фактор и неговиот капитал.

Јавниот интерес и добробитот на државата е од секундарно значење, секогаш кога истите ќе дојдат во контрадикција со геостратешките интереси на „стратешките партнери“.

 

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
6 јули, 2021

Најнови објави